Утре е Свети Илија: Мајки, задолжително почитувајте го овој обичај - тоа е традиција што ги штити најмладите

Утре, Македонската православна црква и нејзините верници го одбележуваат Свети Илија, големиот патрон познат и како „Громџија“, кој во македонската традиција е познат како пророк и борец против злото. Овој ден е обележан со црвена буква во црковниот календар и е еден од најважните празници.
За овој празник се почитуваат многу обичаи, а еден се однесува на семејството и децата - децата треба да се премачкаат со мед. Имено, се верува дека медот, како симбол на сладост и здравје, им носи заштита и благосостојба на најмладите. Традиционално, мајките и бабите на овој ден им премачкуваат мед на дланките и челата на децата, со цел да ги заштитат од болести и зли сили.
Овој обичај има длабоки корени во народната медицина и верувањето дека медот има лековити својства, па затоа се верува дека децата обележани на овој начин полесно ги поднесуваат болестите и остануваат здрави подолго. Покрај здравствениот аспект, премачкувањето со мед на Илиндан има и симболично значење - тоа е желба животот на детето да биде сладок, успешен и заштитен од неволји.
Илија, или Елаја (на хебрејски Елијаху), од градот Тесвит, бил израелски пророк од 9 век п.н.е. Споменат е во светите книги Талмуд, Библија и Куран, што доволно кажува дека е почитуван во христијанството, јудаизмот и исламот. Се верува дека со преобраќањето во христијанство, македонскиот народ му ги припишувал квалитетите на стариот бог Перун, кој ги контролирал молњата и грмотевиците, на Свети Илија. Затоа голем број обичаи и верувања потекнуваат од претхристијанско време.
Фото: Freepik.com/ Denovi.mk