Вработените на Урологија се откажаа од телефони – им подарија комфор на пациентите

Добивај вести на Viber

На Универзитетската клиника за урологија беше промовирано целосно реновираното болничко одделение – простор кој повеќе наликува на модерен апартман отколку на болница. Но, приказната која најмногу допира до срцето не е само во новите ѕидови, кревети и технологија – туку во гестот на вработените.

Наместо да ги искористат субвенциите за службени мобилни телефони во вредност од половина милион денари, тимот на Клиниката едногласно решил средствата да ги насочи во купување две машини за перење алишта и 18 клима-уреди за болничките соби. „Ова е реновирање на вредностите, не само на ѕидовите,“ рече директорот д-р Башким Шабани, нагласувајќи дека целта е пациентите да добијат достоинствен престој и човечка грижа.


Во модернизирањето на одделението вложени се 300 илјади евра – дел од фондовска сметка, дел од донации и дел од сопствени средства. Новите соби се со болнички кревети, ЛЦД телевизори, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух, а целата клима-инсталација обезбедува пријатни услови дури и во најжешките денови.

Со овој пример, Урологија покажа дека вистинската промена во здравството почнува од хуманоста – а кога тимот е сплотен, и комфорот на пациентите секогаш е на прво место.