ВРАБОТУВАЊЕ „ПОД ДРЖАВНА КАПА“ СО ПЛАТИ И НАД 40 ИЛЈАДИ - зачестија огласите, дали навистина фалат работници?

Добивај вести на Viber

Фондот за пензиско осигурување повторно со нови огласи за пополнување на работни позиции. За краток период Фондот објавува нов оглас со кој сега ќе се пополнуваат девет работни места од различен карактер, но и на различни позиции и во различни градови.

По неодамнешните огласи со кои се бараа кандидати за осум позиции, а претходно за дури 16 работни места, од пред неколку дена отворени се огласи за нови девет работни места.

Една од позициите кои треба да се пополнат е информатичар, проектант во одделението за развој на информатичкиот систем, во Секторот информатика во централата на Фондот. Платата за идниот информатичар во Фондот воопшто не е за отфрлање и тој за осумчасовна работа дневно, пет дена во неделата ќе добива 43.993 денари месечно на своето конто. Освен вообичаените услови за оваа позиција, заинтересираните треба да имаат факултет и две години работно искуство.

Фондот бара и внатрешен ревизор за обука, кој ќе работи исто така во Централата, а кандидатите како и кај претходната позиција мора да имаат факултет и две години искуство. Платата за ревизорот ќе изнесува исто така 43.993 денари.  

Се бара контролор за комплетирање на податоците од матичната евиденција за филијалата во Делчево, а платата која се нуди за оваа позиција достигнува 39.561 денар.

Преку следниот оглас се бара соработник за комплетирање на податоци од матичната евиденција за филијалата во Кичево, а платата е исто така 39.561 денар.

Еден оглас е за позицијата контролор на податоци во матична евиденција за филијалата во Прилеп, чии иден извршител ќе добива месечна нето плата како и претходните двајца од вкупно 39.561 денари.

Иста плата ќе добива и контролор за решавање на права во прв степен кој ќе биде примен во филијалата во Ресен, и тој како и претходните позиции мора да има македонско државјанство, да нема забрана за дејност, но и високо образование од областа на правните или општествените науки. Сепак, предност е што за оваа позиција не се бара работно искуство.

Се бараат двајца кандидати кои ќе работата во филијалата во Пробиштип, но станува збор за различни позиции. Еден заинтересиран би бил соработник за права во прв степен и за филијалата во Пробиштип, додека втората позиција која ќе се пополнува е соработник за комплетирање на податоци од матичната евиденција. И за овие две работни места, како и кај претходните се нуди плата од 39.561 денари.

Со еден од огласите се бара и референт за пријави и одјави на осигуреници и обврзници за уплата на придонес од пензиско и инвалидско осигурување за филијалата во Тетово. Неговата плата е малку помала и достигнува 32.480 денари.

Фондот пред неколку дена затвори еден сет на огласи, а ова е најнов, но паѓа во очи што голем број огласи се објавија пред одржувањето на локалните избори.

Она што исто така може да се забележи на веб страната на Агенцијата за администрација, каде се објавуваат огласите за вработување во некои од јавните институции е зачестената потрага по нови работници во голем број државни институции

Се бараат кандидати за вработување во училиштата низ земајва, но и во општините, во национални установи, во министерствата, во Царинската управа...

Ваквите зачестени вработувања го отвораат прашањето дали се брза да се пополнат испразнети позиции, или се исполнуваат претходно дадени ветувања.

П.О.