Наша тема: Што родителите треба да знаат за тргнувањето на децата во градинка - олеснување или нови главоболки?

Добивај вести на Viber

Многу родители имаат дилема кога е вистинско време децата да ги запишат во градинка. Додека едните немаат голем избор и поради работните обврски, детето го запишуваат во градинка веднаш по истекувањето на породилното отсуство, друга група на родители ја има слободата да направи избор. Сепак градинката во одредени ситуации се третира како нужен избор, поради предностите кои ги има, пред се во едукацијата на децата и нивната социјализација со врсничката група. 

Во рамките на градинките постојат возрасни категории кои ги прилагодуваат своите програми за цели кои варираат од згрижувачки до воспитни цели. Постојат јасли, во кои се води исклучиво грижа за негување на децата до двегодишна возраст, до мали и возрасни групи во кои повеќе внимание се посветува на воспитанието и едукацијата на децата од две годишна возраст до школската возраст. 

-Според моето лично мислење и искуство, идеално време детето да тргне во градинка е кога ќе наполни најмалку две и пол до три години. Во овој период, децата почнуваат поинтензивно да ги развиваат своите комуникациски вештини, почнуваат да разбираат и да прифаќаат правила, како и да се социјализираат со други деца. Секако, секое дете е различно и зрее со сопствено темпо, па важно е родителите да го проценат карактерот и емоционалната зрелост на своето дете пред да донесат одлука, вели педагогот Софија Петковска.

Според неа градинката носи многу предности: пред сè, претставува безбедна и контролирана средина каде што децата учат да бидат дел од колектив, да делат, да соработуваат и да ги изразуваат своите емоции. Таа придонесува за јакнење на самодовербата, развој на говорот, моториката и креативноста. Со помош на воспитувачите и соработката со другите деца, се поттикнува емпатијата, трпението и толеранцијата. Дополнително, преку секојдневните активности и игри, децата стекнуваат основни знаења и рутини кои им помагаат во понатамошниот развој.

        Софија Петковска, дипломиран педагог

-Од друга страна, постојат и одредени недостатоци на кои треба да се внимава. Најчеста е потешката адаптација, која кај некои деца може да трае подолго, а раздвојувањето од родителите може да предизвика тага, анксиозност или страв. Исто така, престојот во група носи почеста изложеност на вирусни инфекции, особено во првите месеци додека се зајакнува имунитетот истакнува Петковска. 

Таа додава дека со трпеливост, поддршка од родителите и со соодветен пристап од страна на воспитувачите, повеќето деца многу брзо се адаптираат и почнуваат со задоволство да ја посетуваат градинката. На крајот, тоа е искуство кое придонесува не само за нивниот развој, туку и за подготовка за понатамошното школување и социјално функционирање во општеството.

Како за децата, така и за родителите, тргнувањето во градинка е период на големи промени. Детето има предизвици да се адаптира на новата средина и услови, додека родителите овој настан може да го прифатат потешко. Периодот на адаптација е исклучително стресен период за секој родител, како и за детето. Но родителите може да помогнат многу во олеснувањето на процесот на адаптација и негово скусување. 

Педагогот Драгана Краљевска Бојковска, советува родителите да му помогнат на своето дете во прифаќање на новите животни ситуации преку игра, бидејќи игра е најразбирливиот јазик за децата. 


-Преку игра да се истакне кои се придобивките од секојдневието во градинка, убавината на другарувањето и учењето. Важно е да се обрати внимание на поставувањето на темелите и градењето на врската родител-дете-воспитувач за детето да се почувствува од двете страни подеднакво поддржано и прифатено, а особено новата личност во животот на детето - воспитувачот да се претстави како личност која ги има сличните карактеристики како на родителите, дадилката или другите членови од семејството, истакнува Краљевска-Бојковска за „Женски магазин“

       Драгана Краљевска Бојковска,педагог 

Таа додава дека доколку сé уште не е да се освести моќта на афирмациите и нивната примена, да се користат афирмаците бидејќи се од исклучителна важност за стекнување голема самодоверба, самопочит, давање и примање љубов, смиреност, сплотеност... 

 -Среќни сме што одиме во градинка, се играм со другарчињата, а потоа мама и тато ме земаат и продолжувам да се играм со нив, јас учам многу нови игри и песнички, се дел од афирмациите кои родителите треба да ги споделуваат со своите деца во периодот на подготовка, вели Краљевска - Бојковска. 

Сепак родителите треба да се свесни дека не зависи се од нив. Процесот на адаптација е комплексен и зависи од возраста на детето, неговото претходно искуство со разделби од родителите, како и персоналот во градинките. Типот на градинката, привлечноста на играчките и социјалното опкружување играат голема улога. Доколку детето веќе познава другарче кои оди во истата градинка, процесот на адаптација ќе биде значително олеснет. Во секој случај потребна е упорност и свесност дека градинките имаат свои предности и недостатоци. 

Според Соња Угриновска, психолог, семеен и системски советник подготовката на детето треба да започне пред почнување во градинка, преку кратки социјални искуства со блиски членови од семејството или други деца, во зависност од неговата возраст и претходните искуства.

Соња Угриновска, психолог

-Вклучувањето на воспитно-образовните соработници преку консултации помага родителите да се уверат дека постапуваат во најдобар интерес на своето дете. Кога родителите се отворени за соработка, покажуваат доверба во системот и го потикнуваат детето да се чувствува безбедно и прифатено вели Угриновска.

Според неа најважно е родителите да бидат подготвени и самите да се адаптираат – да прифатат дека детето започнува фаза на осамостојување и дека нивната улога сега се проширува со доверба кон другите значајни возрасни. Верувањето дека детето ќе добие социоемотивна поддршка и надвор од домот му овозможува полесно да го надмине преодниот период и да развие здрава самостојност.

Клучно е да се работи на унапредување на имунитетот кај детето, бидејќи општа референца е дека децата често носат инфекции од градинката како последица на колективното живеење. Работа на градење на силен имунитет е исто толку важна како и психолошката и социјалната поддршка. Затоа родителите имаат поголеми одговорности кога е во прашање подготовката за градинка, но позитивните резултати во психофизичкиот развој ќе ги почувствуваат многу брзо. 

Магдалена Стојмановиќ - Константинов