Затварањето на рестораните им го зголеми бизнисот на подвижните кафетерии, во Градски парк ги има на секој чекор (ГАЛЕРИЈА)
Со привременото
затварање на кафулињата и рестораните им се отвори бизнисот на подвижните
кафе-барови.
Ако во Градскиот парк во Скопје порано имаше три-четири места каде што може да се купи кафе за носење и цеден сок, сега ги има на секој чекор. Луѓе во паркот има и во работните денови, а за викенди стандардно, како да е цело Скопје собрано на едно место.
Клупите се полни и секој втор во рацете има кафе за носење или освежителен пијалок. Масовното отварање на подвижните кафетерии им ја зголеми конкуренцијата на „староседелците“ во паркот кои со години продаваат кафе од комбињата, како „Вело кафе“ и „Номад“, но на некои места ги намали долгите редови, бидејќи сега изборот е поголем.

За викенди се полни и тревниците, но пикник во парк е стара скопска традиција уште пред пред пандемијата.
Едно место, освен кафе и сокови нуди и изнајмување на спорстки реквизити, но и лулашки за дрво по цена од 50 денари за цел ден. Пинг-понг маса, бадминтон, лак и стрела може да се добие кај „Спортакус“ спроти езерото, на почетокот од паркот од страната на Карпош. Има и трамболини на кои скокаат најмалите, и можност да се изигра партија пикадо.

-Откако почна короната, видовме дека луѓето сè повеќе време поминуваат во природа, па решивме да почнеме со овој бизнис, особено сега, кога времето се стоплува, луѓето сакаат да се освежат, а освен на клупа, немаат каде да седнат и да се напијат кафе или сок. Но, уште поважна идеја ни беше децата и тинејџерите, кои се постојано пред компјутер да ги мотивираме да излезат во природа и да изиграат по некоја вистинска, спортска игра“, ни рече нашиот соговорник кој ги изнајмува реквизитите.

Заслужни за оваа инцијатива се тој и неговата сопруга, следејќи ги нивните деца и децата на блиските колку време поминуваат гледајќи во екран, и поради онлајн наставата, и поради игрите од кои децата и младите стануваат сèповеќе зависни.
Тој додава дека иако се на почетокот, отворени пред четири дена, интерес за спортските активности има што му е особено мило, најмногу поради неговата цел- на децата да им се вратат вистинското детство и игрите надвор.
М.Џаровска
Фото: В. Тануровски
ГАЛЕРИЈА: