„Жени седнуваат на каменот, со цел да останат бремени“: Камен на плодноста во една од најстарите цркви во Македонија

Во дворот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во кумановското село Младо Нагоричане се наоѓа необичен камен, за кој со генерации кружи народното верување дека носи плодност.
Жените кои долго време не можеле да забременат, со надеж и вера доаѓале да седнат на каменот и да се помолат, верувајќи дека така ќе добијат пород.
Каменот има природна вдлабнатина што потсетува на седиште, а токму тоа му ја зголемува симболиката.
Жените, придружени од блиски роднини, често во тишина или со молитва, седнувале на каменот и се молеле за дете, оставајќи понекогаш и мали дарови како симбол на благодарност или залог за исполнета желба.
Иако ова верување е длабоко вкоренето во фолклорот и традицијата на регионот, Македонската православна црква се оградува од вакви практики, нагласувајќи дека не постои црковна основа за вакви обичаи и дека спасението и милоста Божја не зависат од физички предмети или обреди.
„Станува збор за народна традиција која не е дел од православното учење“, велат од локалното свештенство, додавајќи дека таквите верувања се последица на вековни симбиози меѓу паганските и христијанските обичаи.
Сепак, за многумина луѓе, особено жени кои соочиле со тешкотии во раѓањето, овој камен и понатаму претставува симбол на надеж и духовна утеха.
Каменот на плодноста, иако неофицијално, останува дел од живата традиција на Младо Нагоричане, сведоштво за човечката потреба за надеж, вера и продолжување на животот.