ЖИВЕЕЊЕ НА РЕЛАЦИЈА МАКЕДОНИЈА-СТРАНСТВО: Кои се предностите и мааните?

Многу македонски граѓани работат во странство, но обично двапати годишно доаѓаат во татковината. Најчесто се враќаат тука во лето и за Нова година и Божиќ. Иако поголем дел од годината се во странство, нивните врски со родната земја не се прекинати.
Ваквото живеење има свои предности, имаат шанса да заработат повеќе, да патуваат повеќе, но во својата родна земја имаат живеалишта и дворови за кои ги замолуваат роднините да ги одржуваат, плаќаат режиски трошоци и слично. Велат дека во странство ги „влечат“ парите, а во родниот крај, желбата да ги видат блиските.
„Предност се поголемите плати, можат да си купат убав автомобил, да си направат куќа, да си купат стан, да отидат на луксузен одмор. Можат да си дозволат работи што од македонските плати не би си ги дозволиле. Ако имаат родители, роднини, пријатели, тие им ги надгледуваат имотите. Ако вадат документи овде губат време и за работи кои треба да се завршат за кратко, чекаат и по 10 дена. Ние постарите сме навикнати на нефункционирањето на институциите, но младите тоа не сакаат да го трпат. Во секој случај живеењето на релација меѓу две земји има и предности и маани“, вели делчевец.
Друг човек од Виница кој работи во Чешка, објаснува дека таму има повисоки плати, а овде има подобра социјализација.
„Живеам во Прага, таму има пари, а во Македонија има живот. Во Чешка работам во фабрика. Платата е добра. Ако некој мисли дека нема пари во Чешка, не е точно, сепак може добро да се заработи. Со тие пари тука убаво се живее, а со македонските плати само се преживува од ден за ден. Може човек кој работи во странство да си дозволи луксузен одмор и многу други работи и автомобил и стан и да се среди, но животот е подобар тука од аспект на социјализација. Таму се работи од утро до мрак. Кај мене ситуација е друга, сопругата е тука, си плаќа сметки, одржува имот и за тоа немам никакви грижи“, вели човек од Виница.
Луѓето кои се на печалба во странство, неколку месеци однапред си го планираат одморите и доаѓањето во Македонија.
„Предност е тоа што одат да заработат побрзи пари, а животот не им е подобар. Јас имам одено во Италија. Имам ќерка во Германија и пред Нова година одморот го дефинираат, а за нешто вонредно, треба да најде замена за да дојде“, објаснува Ѓорѓи Џабирски од Делчево.
Хрватска е дестинација која ни е поблиску и каде работат многу Македонци.
„Има само предности, запознавање на нова култура, стекнување на нови пријателства. Сите што ги знам, се задоволни. Автобуси има секој ден, не е проблем за патување, а и луѓето се организирани во групи и се контактираат за патување. Како што знаеме околу 18.000 македонски граѓани работат во Хрватска“, велат од Македонско-хрватско друштво од Тетово.
Статистиките покажуваат дека многу македонски граѓани заминале во Германија, но има одлив на работната сила и во Швајцарија, Италија, Австрија, Словенија, Белгија. Дел од населението заминува и во Австралија.
Сања Атанасовска
foto freepik.com