На денешен ден е родена Есма Реџепова: Кралица на ромската музика која живееше за песната и за Македонија

Добивај вести на Viber

Есма Реџепова (ромски: Esma Rejepova; Скопје, 8 август 1943 - Скопје, 11 декември 2016) — позната македонска пејачка и хуманитарка. Нарекувана е Кралица на Ромската музика во светски рамки. Во 2013 г. ја доби престижната титула Национален уметник на Република Македонија.

Да беше жива Есма денеска ќе полнеше 82 години. 

Легендарната Есма Реџепова имаше глас кој никого не остави рамнодушен. Кралицата на ромската музика и неверојатна дама носеше посебна енергија во себе, а таа со својата препознатлива насмевка ги урна сите табуа. Зад себе остави огромен број безвременски хитови и хуманитарни дела.

Нејзиниот уметнички опус вклучува 20 албуми, повеќе од 100 синглови, 6 филмови, над 15.000 концерти, од кои над 2.000 настапи, од кои сите приходи одат за хуманитарни цели.

Можеби лична карта, кога станува збор за нејзината музичка кариера, беше песната „Чаје шукарије“, која не само што го издржа тестот на времето, туку станува сè попопуларна. Иако многумина мислеа дека се работи за традиционална народна песна - не е вистина! Автор е Есма Реџепова, а го објави овој сингл во 1961 година.


Пеена на ромски јазик, ја евоцира ромската традиција, укажувајќи и на поврзаноста со хиндискиот јазик, бидејќи и двата имаат корени на санскрит. Преокупацијата со Индија, потеклото и традицијата ја следи оваа одлична уметница во текот на нејзината работа.

„Чаје шукарије“ често се преведува како „Убава девојка“, но и како „Добра девојка“. Во оваа песна се игра целосна љубовна драма.