„Бабо, ми недостасуваш“: Тамара и Миа со носталгични спомени за најдрагите жени во нивниот живот

Добивај вести на Viber

Врската помеѓу баба и внука е еден од најтоплите и највлијателните односи во животот. Таа љубов е безусловна, искрена и незаменлива – љубов што остава длабока трага и спомени кои не избледуваат со времето.

Таа е таму кога си малечка, не затоа што мора, туку затоа што сака. Со поглед кој разбира без да праша. Со раце што знаат да гушнат така што целиот свет молчи.

А кога баба ќе замине...

Светот станува малку потивок. Мирисот избледува. Тишината почнува да зборува. И во таа тишина, повторно ја слушаме – низ спомените, низ зборовите што нè научила, низ малите гестови што несвесно ги повторуваме.

Носталгијата има лик. Има глас.  Колку пати ќе посакаш уште еднаш да ѝ кажеш: „Фала ти, бабо.“

Пејачката Тамара Тодевска преку емотивна објава на социјалните мрежи се потсети на својата баба Пава, која, иако почината, останува жива во нејзините сеќавања. Тамара сподели фотографија од куќата на баба ѝ во малото градче Црвенка во Војводина, место каде, како што вели, го поминала најубавиот дел од своето детство.

„Голем дел од моето детство го поминав во оваа куќа. Куќата на баба ми Пава во Црвенка, Војводина. Неверојатни чувства ме обземаат само кога ќе поминам покрај неа. Најубавите спомени ми се од тука. Првите излегувања, првата љубов, пријатели кои постојат и ден денеска... И баба ми... Она ми беше посебна љубов“, напиша Тамара.

Таа додава дека чувството било како баба ѝ повторно да ја пречекува пред капијата – со топлина и отворени раце, исто како во детството.

Своја објава за баба ѝ имаше и Миа Костова, која често во интервјуа ја истакнува важната улога што нејзината баба од Куманово ја имала во нејзиниот живот. Овојпат, Миа сподели фотографија од дворот исполнет со цвеќињата што ги садела нејзината баба, додавајќи кратка, но трогателна порака:

„Ми фалиш, бабо.“

Објавите на двете јавни личности повторно потсетија на силната емоционална врска која многумина ја имаат со своите баби – личности кои оставаат длабоки корени во нашето битие, воспитување и вредности.

Бабите не се само дел од нашето семејство, туку и тивка поддршка, учителки на животот, и спомени кои не избледуваат. Дури и по нивното заминување, тие продолжуваат да живеат преку нас – во мирисот на нивната пита, во чашата чај, во зборовите што ни ги кажувале и навиките што ни ги всадиле.

Носталгијата, како што покажуваат овие искрени објави, е доказ дека љубовта никогаш не исчезнува. Сè додека го негуваме споменот за оние кои не се повеќе физички присутни, тие продолжуваат да живеат – во приказните, во домовите, и во срцата на оние што никогаш нема да ги заборават.

Фото: Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г