Беспариците и економските кризи на товар на родителите, ама најмногу ги чувствуваат децата

Беспарица, кризи, борба за преживување, економска нелагодност, додека возрасните се борат да обезбедат финансиска стабилност за домот и да ги намират потребите на децата, доколку се тие дел од едно домаќинство, децата чувствуваат многу повеќе одошто логично разбираат кога се во прашање кризните ситуации во семејството.
Како лица на издршка, децата се должност на нивните родители во поглед на издрршката. Овој статус на лица кои се на издршка, на децата им се пропишува и со Закон за семејство.
Во член 11 од Закон за семејство стои дека издржувањето е право и должност на родителите, на децата и на другите роднини утврдени со овој закон. Секако постојат и други членови од истоимениот закон кои, пак, го регулираат правото на децата да бидат издржувани од двајцата родители, освен во исклучителни ситуации.
Затоа потребите на децата, треба да се грижа на родителите бидејќи законот ја дефинира грижата за децата како - родителско право, но и должност.
Главниот товар околу организацијата на буџетот кој треба да ги задоволи потребите на членовите на семејството, останува на возрасните, но кризните ситуации ги чувствуваат и децата особено преку меѓусебната комуникација на возрасните, или нивно исклучување од проблемите и кризите кои го обременуваат семејството, па недостатокот од информации може да создаде несигурност, збунетост и сл.
Децата се најголемите жртви на кризните ситуации, иако возрасните сметаат дека се несвесни и заштитени
За тоа како кризните ситуации се одразуваат врз децата во домот, разговарвме со психолози, кои ни доловија што се случува во умот на детето кога антиципира проблем кој не го разбира и какви последици тоа остава врз развојот на децата.
Конфликтните ситуации, економските кризи и другите социјални ризици значително влијаат врз развојот на децата, бидејќи ги изложуваат на хроничен стрес, несигурност и нестабилни животни услови. Во такви околности, децата често се соочуваат со намален пристап до квалитетно образование, здравствена заштита и емоционална поддршка, што може да резултира со заостанување во когнитивниот развој, појава на анксиозност, депресија, потешкотии во однесувањето и ограничени социјални вештини, вели психологот Фики Гаспар.
Сепак општествената нееднаквост повеќе се рефлектира врз децата кои се со веќе постоечки социјален ризик.
Тој додава дека ризикот е особено голем кај децата од ранливи семејства, каде што недостатокот на ресурси и емоционална стабилност ги зголемува последиците. Поддршката од семејството, училиштето и пошироката заедница е клучна за ублажување на овие ефекти и обезбедување безбедна и поттикнувачка средина за нивниот развој.
Тишината е најгласен сигнал кога се работи за деца
Многу често кога децата се наоѓаат пред психички дилеми може да покажат специфични симптоми и за психолозите е лесно да препознаат дека станува збор за некој тип траума произведена од социјална криза
-Психолозите и арт терапевтите можат да препознаат траума преку уметност, игра и набљудување. Децата во токсични семејни средини се навистина изложени на поголем ризик од долгорочни ефекти од траума во споредба со возрасните. Раната поддршка и пристапите базирани на уметност може длабоко да влијаат врз закрепнувањето на траума, вели психотерапевтката Цветанка Бурзевска.
Според неа, кога детето молчи или се повлекува за себе тоа е еден од најчестите аларми за психолозите дека нешто не е во ред со неговата доверба кон возрасните.
Арт терапијата обезбедува невербален, безбеден излез за децата кои можеби немаат зборови или когнитивен развој да опишат што се случува. Преку цртежите, скулптурите или играта на детето, психолозите и терапевтите можат да забележат:
-Страв, изолација или беспомошност, употреба на боја, линија и простор што ги рефлектира емоционалните состојби, повторливи слики или симболи кои укажуваат на вознемиреност, недостасување или искривени семејни фигури во цртежите, наративи што детето може да ги создаде за време на изработката на уметност, а кои укажуваат на занемарување, злоупотреба или огромна динамика, додава Бурзевска.
Психолошката поддршка е клучна доколку се забележи семејна криза и таа има подлабоки корени. Освен работа со децата, псхолозите предлагаат и работа до родителите со цел превенција, заштита на децата и говорење на јазик разбирлив за децата, кој ќе им помогне да се чувствуваат вклучено и прифатено.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов