Човеци од К15, мора ли да е крај?

Добивај вести на Viber

К15 се бренд кој опстојува веќе три децении. Бранко, Васко и Бубо на средината на 90-те години од минатиот век како фурија влегоа во нашите животи преку тогашната А1 Телевизија. Многумина го паметат и точниот датум: 23 ноември 1994 година. И останаа до денес. Ја искористија замореноста на транзициониот човек, потребата од некој нов хумор и одлично се вклопија во тогашното сиво секојдневие, создавајќи некој македонски хумористичен клон што се добива кога на пример ќе ги вкрстите Топ листа на надреалистите и Монти Пајтон. Добивме хумор, но и жестока сатира на македонското општество. Но и на сите мани, слабости и по некоја доблест на македонскиот човек на прагот на 21. век. Бубо Каров и неговиот необичен кавадаречки хумор ни беше познат и од порано, од НННРВ и од „Кавадаречка династија“ на втората програма на Македонското радио, но Бранко Огњановски и Васко Тодоров беа сосема нови ликови, кои веднаш ги освоија срцата на целата јавност, од 7 до 77 години. 


Освен ликовите на Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко Конопишки, низ трите децении во К 15 продефилираа и уште многу интересни ликови, кои оставија печат на секоја од сезоните на оваа ТВ лектира. Бапчо, Горан Стојановски, Климе, или поновите Мимоза, Љупчо, Барбара, Стојна.


А Бранко, Васко и Бубо освен носечките ликвои, успеаа да креираат и создадат уште неколку интересни ликови, како што се нервозниот Охриѓанец, Џони Џанак, Албанецот Зоран, Ристо, Блажо, Полицаецот, Гркот итн...

Целиот тридневен спектакл во „Борис Трајковски“ беше одлично осмислен и вешто режиран од страна на сценскиот мајстор на комедијата, режисерот Синиша Евтимов. Сето тоа беше збогатено со одлично озвучување, огромен видеобим и оркестар од 30 музичари, три како што рече Миле „претечи“ вокали (меѓу кои ги препознавме Дексо и Ана Петан), а сите тие предводени од диригентот Џијан Емин. Видовме одличен спој на хумор и сатира, театар, музика...


Флешбековите низ минатото на К 15 емитувани на видео бимот, нѐ потсетија на моќта и важноста на овие тројца хумористи во нашите животи. И по којзнае кој пат нѐ насмеаа до солзи.

Нивните песни, со необични и откачени текстови и певливи рефрени, повторно се пееја на цел глас. Хитовите на ДУО ТРИО: „Ногу љубам да веслам“, „Билјана сајла немаше“, „Шуруп“, „После дождот“, „Дедо Мраз од Коњари“, „Кожна пура“, „Статива“, „Целофан“, „Бурек“ -  се хитови што живеат долго и што сведочат за мултимедијалноста на овие тројца генијалци, кои сами си ги пишуваа скечовите, сами си ги режираа (со помош на неколку режисери), сами си ги продуцираа и сами си ги создаваа и пееја сите свои музички дела. 

Нивниот музички опус не е голем, но ретко кој може да се пофали со толку хитови коишто ги знае целата нација.


Трите концерти во салата „Борис Трајковски“, за првпат во неговата историја и пред Здравко Чолиќ, се доказ за популарноста на ова шоу, кое иако неколку години не постои, сѐ уште има силно влијание врз нашиот транзиционен човек.

Во текот на ѕрк часовната програма, се потсетивме на насјмешните скечови на К 15, иако сите постојано си ги гледаме на Јутјуб, секогаш кога имаме потреба од малку забава. Дел од скечовите беа дополнети и проширени, а дел беа сосема нови. Мивно свежо видување на состојбите во спортот, политиката, културата, туризмот, историјата, секојдневниот живот... Теми што секојдневно нѐ допираат и сопнуваат, а никој не се осмелува да ги каже. 


Во кратките искажувања на популарните личности, во документарецот кој наскоро ќе се емитува, а вечерва ги видовме на видео бимот во преполната сала Борис Трајковски, Игор Џамбазов рече: „К 15 се единствените уметници од кои се исплашила државата.“ Да, зашто цели три децении К 15 преку своите скечови отвораше прашање што се криеја под теписите на сите владеачки гарнитури, опоменуваше, нудеше смешни и тажни решенија, но и покажуваше и докажуваше дека и во Македонија може да се создава квалитетна телевизиска продукција. Нешто што сосема згасна во последните години, со заминувањето на К 15 во некоја своја (се надеваме привремена) илегала. 

Одлична идеја на водителот Жарко Димитриевски и неговиот тим да ги собере повторно. Но, човеци од К15 , мора ли да е крај? 



Соња Алексоска Неделковска

ФОТО Женски магазин/Вангел Тануровски