Црквата вели едно, но верувањата за петок 13ти одат до крајни граници: Каде е балансот?

Добивај вести на Viber

Денеска е петок 13ти. „Внимавајте доколку црна мачка ви го пресече патот“, „очекувајте неволји“, „немојте да носите црно“, „внимавајте да не скршите огледало“, се само мал дел од советите што ќе ги слушнете денеска. 

Зад фразите се крие верувањето дека петок 13ти бил „црн ден за христијанството во историјата“. Верувањето за баксузен ден вешто се рационализира преку толкување на историски настани кои наводно имаат врска со христијанството. 

Како се оправдува верувањето за лоша среќа на петок 13ти?

Сигурно ќе слушнете дека Исус бил распнат на петок 13ти и поради тоа петок 13ти се смета за црн ден во христијанството. Втора најприсутна теорија е дека на „Тајната вечера“ Јуда кој подоцна го предал Исус, бил 13тиот член на собирот. Затоа бројот 13 се смета за симбол на предавство, големи пресврти и животни неправди. 

Ова верување оди толку далеку, што освен во личниот живот, се конотира и во маркетинг сегментите, туризмот и други сектори кои опфаќаат услуги на поголем број луѓе. На пример голем број хотели немаат број 13 од собите, а зградите немаат 13ти кат, поради верувањето дека 13 е несреќен број. 

Сепак овие верувања не се оправдани со ништо друго освен со бујната мечта на луѓе кои се подготвени да креираат различни теории и истите да го рационализираат без да има никакво историско и емпириско сведоштво на база на што го потпираат своето верување. 

Freepik

Во секоја календарска година има барем по еден петок што паѓа на 13тиот ден од месецот, а во некоја календарска година има и по три. Кај луѓето кај кои е присутен неразумен страв од петок 13 проследен со клиничка слика на анксиозност, депресија и вознемиреност и се детектира фобија од петок 13ти која со психијатарски термини се нарекува параскаведекатриафобија.

Дали воопшто идејата за петок 13ти како баксузен ден има христијанска основа 

За тоа дали петок 13ти е на каков било начин поврзан со христијанството, побаравме официјален став од МПЦ - ОА. Отец Саше, во кус телефонски разговор ни изјави дека „Верувањето за петок 13ти е чисто суеверие и нема никакво потекло ниту врска со христијанството“, кусо изјави отец Саше од МПЦ во телефонски разговор за „Женски магазин“. 

Идејата дека Исус бил распнат на крст токму на петок 13 не е забележана со ниту едно историско сведоштво, ниту такво нешто е запишано во евангелијата. Православната црква и календарот според кој се раководи, секоја година го определува точниот датум кога е Велики петок - денот на кој се обележува историското распетие на Исус Христос и само тој петок, христијанската црква го поврзува со распетието.

Freepik

Исто така и симболиката на предавството на Христос на тајната вечера, во христијанството се толкува како чин кој бил детерминиран со цел да се дојде до најрадосниот чин за сите христијани, а тоа е воскресението. Затоа и бројот 13 за христијанските верници не претставува никаков „баксузен“ или несреќен број. 

Црквата ги советува христијански верници да се тргаат настрана од суевериата и да го следат само словото на Црквата преку проповедите. 

Најбизарни суеверија за петок 13ти 

Еве неколку од најбизарните и невообичаени суеверија поврзани со петок 13-ти, кои ги има во различни делови од светот:

1. Не гледај се во скршено огледало

– Според некои верувања, скршено огледало на петок 13-ти не носи само 7 години несреќа, туку ја „удвојува“ несреќата бидејќи денот е „удвоено проклет“.

2. Не сечи коса или нокти

– На петок 13-ти, со сечењето коса или нокти наводно може да ја „исечеш“ и среќата или дури да привлечеш смрт во семејството (во некои источни суеверија).

3. Не станувај од кревет на левата нога

– Се смета дека станување со левата нога ќе ти го расипе целиот ден – но ако тоа го направиш на петок 13-ти, можеби ќе го расипеш и животот. 

4. Ако ти падне метла – очекувај несреќа

– Во некои африкански и карипски верувања, ако на петок 13-ти падне метла или ако некој ти ја пренесе преку нозете – тоа значи дека некој ќе те „измети“ од сопствениот дом (симболично: ќе те избрка).

5. Црна мачка што ти го пресекува патот – трикратно лоша среќа

– Иако ова е општо познато суеверие, на петок 13-ти се вели дека лошата среќа се множи тројно ако видиш црна мачка.

6. 13 гости на вечера = несреќа за еден од нив

– Се вели дека ако на петок 13-ти седнат 13 луѓе на трпеза, еден од нив ќе умре во текот на годината – што е директна алузија на Последната вечера.

7. Избегнување на патувања

– Многумина избегнуваат летање, аеродромите често пријавуваат намален број на патници. Некои дури мислат дека летот ќе се урне само затоа што е петок 13-ти.

8. Не користи кредитна картичка

– Во некои делови на САД и Велика Британија, луѓето веруваат дека секоја трансакција направена на петок 13-ти ќе резултира со губење пари, кражба или финансиски пад.

М.С.К