„Денеска ќе се степате, утре ќе си играте“: Родителски грешки кои го продолжуваат кругот на врсничкото насилство и децата ги ставаат во жртвеничка позиција

Добивај вести на Viber

Денеска ќе се степате, утре ќе си играте. Ако те избегнуваат другарчињата, најди си нови. Не се мешам во детски кавги. - Се најчестите фрази кои родителите ги изговараа пред децении, додека не се актуелизираше темата за сериозноста на врсничкото насилство. 

Денеска свеста за врсничко насилство е подигната, во јавноста сѐ почесто родителите споделуваат потресни искуства на врсничко насилство во кое жртви биле токму нивните деца, но и се поведуваат кампањи од релевантни институции за препознавање, пријавување, спречување и справување со феноменот на врсничкото насилство. 

Freepik

Врсничкото насилство има повеќе облици и лица, хетероген поим, кој вклучува голем број појави и манифестации, што го отежнуваат конкретното дефинирање и препознавање на опсегот на врсничкото насилство.

На пример, она што до пред 10 години се сметаше за несериозна детска работа, или уште полошо се нормализираше исмевањето некому преку хумор, денеска тоа, од страна на стручните лица и институциите веќе може да се препознае како показател на врсничко насилство. 

Но, ситуацијата во реалност е многу посложена, дури и кога надлежните институции, како училиште, Детски правобранител, или Центар за социјални работи, ќе препознаат дека се работи за врсничко насилство, процесот на докажување пред суд е макотрпен, тежок и често обесхрабрувачки за оние кои се одлучиле да ја водат оваа правна битка до крај. 

Freepik

Состојбата со врсничкото насилство во Македонија 

Во официјалните податоци соопштени од канцеларијата на Народниот правобранител во Македонија, во 2024 година имало 30 претставки за врсничко насилство главно низ училиштата во Македонија. 

Иако оваа статистика е мрдање од „мртва точка“ и оптимистички е тоа што родителите знаат да препознаат и да пријават врсничко насилство, што досега не беше пракса, сепак стручните лица претпоставуваат дека оваа бројка во реалноста е многу повисока, но голем број случаи останале непријавени, или пријавени во некоја друга институција, која за жал не води посебна евиденција за врсничкото насилство. 

Јавно е достапна и евиденцијата од Министерството за внатрешни која објави дека регистрирани се вкупно 1.189 случаи на насилничко однесување меѓу ученици во периодот 2012– април 2023, со највисок пораст во Скопје и Тетово.

Според претставките, жртвите на врсничко насилство биле мета на физичко или вербално напаѓање, но најголема опасност за децата денеска е токму онлајн насилството кое се случува во дигитален свет. Токму овој новонастанат облик на насилство, најтешко се препознава и уште потешко се третира. 

Половина од учениците во светот на возраст од 13 до 15 години, околу 150 милиони, пријавиле дека доживеале насилство од врсниците - малтретирање и физички пресметки во и околу училиштето. Во земјава, 42% од учениците на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето, стои во извештајот на УНИЦЕФ, од 2017 година. 

Кампањите на УНИЦЕФ, по 2017 година повеќе се посветени на менталното здравје кај децата во училиштата, како и внимание за безбедноста на децата во и околу училиштата средина. 

Родителите првиот столб на поддршка за нивните деца

Родителите се првите личности кои треба да препознаат дека нешто не е во ред, со нивните деца. Иако родителскиот однос со децата се гради на заемна доверба, децата кои се жртви на насилство, особено од врсниците, може да претпостават дека нешто не е во ред со нив. 

Психилошките манифестации на затворање во себе, страв од искажување, инсистирање на држење во тајност на проблемот, се примарните знаци поради кои родителите треба да се посомневаат дека нешто не е во ред со училиштето, уште пред да имаат потврда од наставниот кадар. 

-Состојбата на врсничко насилство е нешто што е присутно отсекогаш, но во некои минати времиња, било поинаку покажувано и имало „поблаги“ последици. Во ова време, особено последниве 30-тина години, поради големиот развој на негативни состојби во општествата, кои најмногу ги зафаќаат семејството и образованието, ваквите појави земаат голем замав, во начинот на кои се покажуваат, вели м-р по комуникации Татјана Гогоска. 

Извор: Фејсбук 

Таа додава дека кога едно дете е стигматизирано, т.е. неприфатено во средината со свои врсници, она што тоа го доживува е преболно за развој на една млада личност. Тоа пак, резултира со многу драстични состојби: кога детето се повлекува или во крајна линија си пресудува само на себе или пак кај него се развива агресивноста и гневот, па сето тоа го покажува на најсуров начин, кон оние кои го малтретирале. 

Најтешко е што детето/децата, кои не се прифатени од врсниците, се оставени сами на себе во рамки на врсничката група, затоа што во целиот тој несреќен склоп, затајуваат семејствата на оние „прифатените“, како и позитивен однос на образовните кадри.

Хумор кој не е смешен

Во случаи кога детето сепак ќе се охрабри да го каже својот проблем, а не наиде на разбирање ниту од родителите, наставниците, па и од другите институции, се јавува страв кај жртвата дека ќе биде дополнително виктимизирана. 

Ова состојба создава култура на затворање во магичен круг на насилство, каде децата почнуваат да одбиваат да ги кажат проблемите со цел да спречат поголемо исмевање, таргетирање или посериозни форми на екскомуникација и осуда. 

Преземање на одговорност, за стореното дело, и заострување на казните може да помогне во превенција. Но сепак, демократските влади низ светот сметаат дека поадекватен е хуман пристап на превенција на насилството, кое може да се реализира само преку зголемена свесност, општа едукација или стриктни законски регулативи кои промовираа култура на ненасилство. 

Хуморот е еден од најчестите облици кои се користат со цел да се релативизира малтретирањето кое го доживува жртвата. Затоа потребно е да се знае дека хумор кој исмева некого, не е смешен и да се стават стриктни граници за почитување на туѓата приватност и достоинство. 

Магдалена Стојмановиќ - Константинов