Две престижни награди за две македонски актерски легенди: Жените кои го инспирираат и менуваат светот

Добивај вести на Viber

Двете дами, едната од матичниот Македонскит Народен Театар, а друагата од Битолскиот театар се добитнички на престижната награда „животно дело“ на 59. МТФ „Војдан Чернодрински.

На актерките Снежана Коневски- Руси и Соња Михајловска ќе им биде врачена оваа престижна награда.

Снежана Коневски-Руси, легенда на македонскиот театар, филм и култура, повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава. Нејзината актерска кариера низ децении тивко и непрекинато ниже широк дијапазон на ликови на сцената на МНТ и на други сцени. А со самото тоа се огледува и се документира и голем дел од општата историја на театарот и на филмот во земјава. Нејзината кариера во бројки изгледа вака: 48 театарски улоги, 10  улоги во серии и во филмови и 20 режии и асистенции на режија. Тука се и активностите како сценарист и водител на голем број детски музички фестивали, синхронизација на неброени цртани филмови и ТВ-проекти, образовни и контактни емисии и сл.

Творец е и на голем број проекти за деца (од предучилишна и училишна возраст), позајмува гласови на ликови во серии за возрасни и за деца, реализатор е на голем број специјални програми на НВО и долгогодишен соработник на ФААТ и ДАФ, Кочани, како селектор, член на жири-комисија и уметнички директор, како и спикер-водител и член на голем број емисии од музички, забавен и водителски карактер и на Детската радиодрама во РТС.

Постојаноста на сцената, одличната дикција, како нејзин клучен адут и секогаш убедливата актерска вештина ја прават Снежана Коневски-Руси една од најквалитетните актерки кај нас, секогаш барана од колегите режисери. Прецизна е, докрај посветена на ликот и на неговото место во целото дејствие. Лесно и добро го наоѓа и го промислува секој код/знак што го носи ликот и со убедлива актерска вештина знае искреираниот (неретко комплициран) лик да го пренесе на лесно разбирлив, интелектуален начин пред публиката. Она што посебно ја истакнува од плејадата актери од највисок ранг е јасното говорење на текстот и прецизно (како со нож) изразената дикција.

Снежана Коневски-Руси искажува/прикажува чист сценски говор за да може секој јасно да ги чуе секој збор и значењето на текстот, на начин на говор што „везе“ на сцената и што треба да го има секој актер. Вредноста и посветеноста на Снежана Коневски-Руси кон театарот се забележани и се наградени од стручните театарски и театролошки лица.

Доајенката на Битолски театар, Соња Михајлова исто така е добитник на награда за животно дело на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.

Ова признание претставува круна на нејзината плодна и инспиративна кариера, која трае повеќе од четири децении.


Родена на 14 октомври 1958 година во Битола, Соња Михајлова дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1983 година, во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Истата година се вработила во Народниот театар – Битола, каде останала до нејзиното пензионирање во 2022 година. Иако во пензија, Михајлова изјави дека останува посветена на театарот, велејќи: „Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене“.

Покрај Михајлова и Коневски-Руси, наградата за животно дело ја добива и актерот Гоце Тодоровски.

Оваа година девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 6. до 13. јуни, а која програма ја објави уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.

Па така претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар – Битола, ќе биде дел од годинешното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“.