Фотографиите на социјалните мрежи откриваат - опсесивна самопромоција или емоционална нестабилност на личноста: Анализа на Лидија Попчева, гешталд терапевт
Преку фотографии постирани на социјалните мрежи дознаваме дали се во шминкерница, тоалет, теретана, на кеј, во планина или во дневна соба. Луѓето едноставно уживаат да се фотографираат.
Најпопуларни се „селфи фотографии“ во која личноста се фотографира самата себеси во некој одреден амбиент. Според Лидија Попчева, психолог и гешталд терапевт, значајно е да се напомене дека во овој случај женскиот пол е далеку поактивен.
- Оваа појава е дел од манифестацијата на еден поширок феномен – опсесивна самопромоција и постојана потрага за потврда на сопствената вредност. Умерено барање на потврда од околината е нормално однесување на здрави личности. Како што растеше бројот и интензитетот на селфите, овој феномен почна да привлекува поголемо внимание, посебно на стручната јавност. Старо правило е „постои мерка во сé“, но не треба да се премине - појаснува Попчева .
Истото правило важи и за зголемената потреба за себеизложување низ социјалните мрежи. Таа нагласува дека тоа многу лесно може да премине во сериозна опсесија, што резултира со опсесивно броење на лајковите од своите виртуелни пријатели.
- Одредени личности стануваат се позависни од бројот на лајковите кои ќе ги добијат за своето селфи, а кога на тоа ќе ги додадеме и позитивните коментари што ги пишуваат пријателите, задоволството станува поголемо. Овој став има и своја физиолошка основа. Изложувањето на себе си, откривање на приватноста на тие фотографии го зголемува лачењето на допамин, хормонот на задоволоство кое е поврзан со зависното однесување - вели таа.
Доаѓа лето, а со тоа профилите ќе бидат преполни и со фотографии со костими за капење. Сé поголем е бројот, посебно од женскиот пол кои се фотографираат во провокативни пози, со истакнување на длабокото деколте или напучените усни.
- Провокативната поза, преведена со говорот на телото упатува на јасна порака – гледајте ме, уживајте во мојата убава појава. Во основата на ова однесување е потребата да се допаднеме, да фасцинираме и да најдеме потврда за својот надворешен изглед, што е директно поврзано со степенот на нарцизам на личноста. Сите поседуваме одреден степен на здрав, нормален нарцизам, што е предуслов за успешен живот. Меѓутоа, колку е поголема потребата за самоизложување, толку е поголем степенот на нарцизмот на една личност. Во основата на ваквото однесување лежи лошата поддршка во себе и емоционалната нестабилност и незрелост. Социјалните мрежи за нарцизмот се исто што и брзата храна за дебелината - завршува Попчева.
Соња Алексоска Неделковска