Ги победивме и со достоинство: браво за македонските ракометни фанови

Добивај вести на Viber

Финалето на Европскиот куп меѓу ракометарите на Алкалоид и грчкиот АЕК синоќа не се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Како причина гостите го наведуваат фактот што на трибините ги немаше нивните навивачи. Столчињата резервирани за 200 грчки навивачи останаа празни.


Останатите столчиња беа исполнети до последно место со македонските фанови. Достоинствени до крај. Останаа на своите места половина час од времето кога требаше да почне дуелот. Пееја и со аплаузи и овации им даваа поддршка на младите ракометари на Алкалоид. Кога и официјално спикерот во салата ја извести публиката дека натпреварот нема да се одигра, во еден глас почнаа да им скандираат на нашите ракометари: „Шампиони, шампиони“. 


Во исчекување на одлуката на ЕХФ, од РК Алкалоид испратија соопштение до јавноста во кое се заблагодарија на поддршката на од повеќе од 6.000 навивачи и на поддршката од цела Македонија.



- Почитувана публико… ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка. За жал, не по наша вина, финалниот натпревар со РК АЕК од Атина не се одигра поради тоа што противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот. Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила. Уште еднаш, големо БЛАГОДАРИМЕ за сите што дојдовте во сала и му ја дадовте Вашата поддршка на РК Алкалоид!“ – се вели во соопштението од Алкалод, кое е еден вид благодарност за сите ракометни фанови.




С.А.Н.

ФОТО Женски магазин-  Вангел Тануровски