Го остави микрофонот и се посвети на политиката: Антонија Шола стана советничка во општина Брдовец па ги насмеа гласачите

Хрватската пејачка и текстописец Антонија Шола, на македонската публика добро позната по емотивната балада „Волим осмех твој“, што ја изведуваше заедно со Тоше Проески, неодамна започна ново поглавје во својата кариера — овој пат во политиката.
Таа стана независна советничка во општината Брдовец, каде официјално ја презеде својата функција со полагање заклетва.
По повод новата улога, Шола се обрати до јавноста преку социјалните мрежи, ветувајќи транспарентност и ангажман во интерес на граѓаните.
– Од денеска сум службено независна советничка во општина Брдовец. Со полагање на заклетва ќе бидам ваш глас (во мојот случај мезосопран), но и ваш надзорник кој будно ќе ги следи сите потези на власта со цел нашата општина да оди во вистинска насока. А за сè ќе бидете информирани по секоја седница, за тоа ќе имам посебен профил – напиша Шола на Thread.
Овој потег не изненади многумина, имајќи предвид дека во Хрватска веќе е вообичаена појава јавни личности да преминат во политичките води, како дел од локалната или централната власт. Шола сега им се придружува на бројните познати лица кои својот јавен глас го користат не само на сцената, туку и за општествени промени.
Нејзината одлучност да биде „мезосопрански глас“ на народот доби бројни симпатии и поддршка, а останува да се види како ќе се снајде во оваа нова, сериозна улога.
М.С.К