Го загуби животот во пожарот во Кочани, но неговиот сон живее: Car show во чест на Ице Андонов

По повод роденденот на трагично починатиот Ице Андонов, кој го загуби животот во пожарот во Кочани, неговите пријатели вчера организираа емотивен car show во Битола, исполнувајќи му ја, како што велат, неговата најголема животна желба.
На настанот, во центарот на вниманието беше изложен неговиот автомобил, на кој беа прикачени два транспаренти кои го трогнаа присутните.
На едниот пишуваше: „Ова беше неговата најголема желба, а денес таа е наша мисија“, додека другиот порача: „Со секој старт те славиме, со секоја кочница те жалиме“.
Пријателите на Ице со голема љубов и посветеност го организираа овој настан како спомен на момчето кое остави силен белег во нивните животи.
За Женски магазин, неговата пријателка Елена Стојанова им се заблагодари на сите кои дале свој придонес за реализацијата, со посебна благодарност до Александар Станковиќ за неговата несебична поддршка.
Car show-то не беше само авто-настан, туку длабока порака дека спомените живеат и дека љубовта кон блиските не згаснува со смртта. Пријателите на Ице покажаа дека вистинското пријателство продолжува да живее – преку гестови, дела и исполнети желби.



