Искрено со Бојана Скендеровски: Не сум боксерска вреќа, па кој како сака да мава кога не му е денот
Кога се појави на фестивалската сцена на „Макфест“ имаше само 19 години и веднаш ја однесе победата во конкуренција со повеќе искусни пејачи. Оттогаш, ѝ тргна победнички на естрадата која последниве пет години реши да ја одмори за да му се посвети на семејството. Бојана, тогаш Атанасовска, сега Скендеровски ја паметиме и од шоуто за таленти „М2“, каде што се пријавила кријеќи од родителите кои не сакале музиката да биде нејзиниот животен пат. Денес е сопруга на Васко Скендеровски, поранешниот селектор на македонската репрезентација во мал фудбал, и сопственик на продукција „Скендеровски“, која стои зад нејзиниот водителски проект „Улица Македонија“. Бојана е најсреќна кога е дома со децата Искра и Ѓорѓи и кога како што вели се исклучува од јавниот живот. Промените во нејзиниот изглед се честа мета на коментарите на социјалните мрежи, а Бојана освен за своите музички новости и за семејството, зборува и тоа како се справува со нив.
*Ја снмими песната „Круна“ по пет години пауза, што значи за еден пејач да не сними ништо ново толку долг период, зошто поминаа пет години?
- „Круна“ е враќање на музиката која отсекогаш беше и остана моја прва љубов,но во животот се случуваат и многу поважни нешта,всушност најважни од се во животот,а тоа е станувањето мајка.Моите деца Искра и Ѓорѓи се многу мала разлика во години,се случија едноподруго,и дефинитивно тој период сакав да им го посветам само ним,затоа се случи таа пауза.

*Те запознавме како дебитант на фестивалот „Макфест“, и веднаш ја однесе победата. Фестивалските настапи потоа ти се зачестија. Кои ти се најдрагите сеќавање од тоа време, од фестивалите, од таа естрада, можеш ли да ја споредиш со денешната?
-Еуфоријата околу македонската музика,која беше многу популарна,и се слушаше во големи количини,деца кои трчаат по автограми,полни сали дури и на генералните проби.Таа енергија,денес ја нема,малата застапеност на македонската музика по медиумите,си го зема данокот.Секое време си има свои идоли,но денес има некоја друга сцена,има друг стил,сè е на социјални мрежи,младите генерации имаат свои артисти кои имаат милионски прегледи по youtube,а всушност ги знаат само во кругот на нивната генерација,се слуша музика од надвор.
Чудно е.

-Започна со преработки токму на тие постари песни од твоите почетоци а ја испеа и легендараната „Да си мерак песна“ од Бисера Валетаниќ, што те инспирираше, и ќе има ли и нови?
Јас растев со тие песни,тоа беа песни кои ги слушаше и старо и младо, златните времиња на „Макфест“, и затоа мојата огромна желба беше да ја снимам „Да си мерак песна“,од Бисера Валетанлиќ,и на мое огромно задоволство,Марио Стојановски од група „Мерак“ ме покани да ја направиме преработката,со идеја да ја возобновиме,и да допреме до помладата публика,тој го направи аранжманот,и мислам дека ќе им се допадне и на помладите,а постарите ќе ги вратиме во едни убави времиња.
*Каква беше како дете и како тинејџерка, која е најлудата работа што си ја направила во тие години?
-.Бев срамежливо дете што сакаше само да пее,а темпераментна тинејџерка,која имаше желба да се занимава со музика.
Најлудата работа што ја имам направено е,што се пријавив на М2 потрага по ѕвезди,без да им кажам на родителите,тие сметаа дека треба да учам посветено на Економскиот факултет,и да не се занесувам со музиката,јас се пријавив,влегов во 10 финалисти,и тогаш морав да им кажам,зошто имаше пренос на МТВ 1,и полна Универзална сала.
*Има ли одлука за која се каеш дека си донела, професионално или приватно, што сметаш дека е твојата најголема животна грешка- лекција од која си научила?
-Генерално не се каам за ништо,едноставно тој бил мојот пат,и кој знае зошто е добро сето тоа,само ми е криво што не запишав и не завршив Музичка академија,и не свирам ниеден инструмент.
*Жена си која внимава на својот изглед, но имам впечаток дека луѓето не секогаш ги прифаќаат трансформациите на познатите личности. Имало ли лош коментар кој те навредил и на кој си реагирала?
-Јас не можам да изгледам исто 19 години,од прв момент кога сум се појавила,сите ние се менуваме,и тоа е природен процес,созреваме,истражуваме,се наоѓаме во нешто.Јавната сцена бара трансформации кои се сосема нормални во оваа работа. Коментари неможат да ме повредат ако не се од мои блиски луѓе,но постојат луѓе на кои Фејсбук коментирање им е дневна рутина за забава,па можеби некогаш своите проблеми ги решаваат со коментирање беспотребно,навредувачки кон било кој што го објавиле на некој портал. Генерално треба да намалиме како народ со агресијата,и негативната енергија по социјалните мрежи.
Да,ние сме јавни личности,и ок е да имате свое мислење,да не ви се допаѓа некој,но ние јавните личности не сме боксерска вреќа,па кој како сака да мава кога не му е денот.
*На сцената и на ТВ екраните те гледаме во едно светло, каква си дома, каква домаќинка си?
-Домаќинка,како и секоја друга,перам,чистам,готвам,собирам играчки. Дома сум мајка,сопруга,и уживам во тоа,тука се исклучувам од сè што носи јавниот живот.

*Како се Искра и Ѓорѓи, каква мајка си, колку си строга, а колку Васко е строг татко?
-Се разбира, дома “вештерката” сум јас,како и сите мајки
Ние сме строгите,за ред,а татковците се за разгалување,Васко е тој кај кого секогаш сè може,и нема проблем,а мама не дава.
Искра и Ѓорѓи се супер,темпераментни,2 минути се сакаат,22 минути се караат.
*Што е за тебе најубавото кај твојот сопруг, што е она што најмногу го сакаш и го цениш кај него?
-Неговиот пристап кон животот,толерантноста,нема нерешлив проблем,неговата широкоградост,човек кој не сака да затвори ниедна врата во животот.

*Паметиш ли некоја интересна анегдота од снимањето на емисијата „Улица Македонија“, и ќе има ли и нова сезона?
Снимавме емисија со Тони Михајловски како гостин,имаше прекрасна енергија,убав муабет,и на повеќе од пола снимање,поради технички проблем,пола емисија не се снимила. И пак се од почеток.
Многу би сакала да продолжи овој мој драг проект,вложувам многу напори да најдам пласман за истиот.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива