Како правилно се празнува „Духовденска задушница“: Смртта не е крај, таа е пат кон вечното спасение

Според православниот календар на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, празникот Духовденска задушница се прославува на 07 јуни (сабота) и на овој ден не се пости.
Смртта е една од најмистериозните теми за човечкиот ум. Секој човек е свесен за својата ограниченост и смрттност. Дел од луѓето во тоа сознание наоѓаат смисла, додека за други фактот дека човекот е смрттно суштество остава бездна од апсурд.
Иако помислата на сопствената смрт е вистински ужас за секој поединец, секој човек најмногу се трогнува од смртта на другиот, особено блиска или ближна личност. Кога ќе ни почине родител, или некој со кого сме длабоко емотивно поврзани, остануваме со милион прашања. Пред сѐ со прашањето дали сѐ завршува тука, или ќе се видиме некаде повторно?
Врската помеѓу празникот „Задушница“ и мртвите
Во народот често се среќава и фразата дека „Задушница“ е празник кој е посветен на мртвите. Ова фолклорно верување е делумно оправдано со догмите на православната црква, но и со христијанските учења.
Во христијанството - смртта, се смета за победена по воскреснувањето на Исус Христос. Чинот на воскресението на спасителот, впрочем е симболичка победа на животот над смртта, бидејќи христијанските верници веруваат дека со неговото воскреснувње - Исус, ги спасил сите. Празникот Духовденска задушница доаѓа по Велигден и со него се испраќа порака дека со смртта не завршува постоењето на душата, туку таа се среќава со божјата светлина.
Токму и затоа словенскиот корен на зборот „задушница“ се состои од два збора за душа, мислејќи дека се прават христијански обреди и кажуваат молитви за спасение на мртвите души.
Догмата за воскресението на Господ Исус Христос има круцијално значење во целокупната богословска наука, зашто сама по себе има за цел да го принесе човекот со целокупното негово битие кон Бога, подигајќи го од адските безни и вознесувајќи го до небесните рајски височини, онака како што и Богочовечката Христова душа ги разби портите на адот и целосно го испразни спасувајќи ги сите души на оние кои исконски го чекаа своето воскресение во рајските населби, вели проф. по веронаука, м-р Илија Орачки за Женски магазин.
Историски контекст на празникот
Политеистичките религии, како и јудаизмот односот кон смртта го задржале преку одредени народни обреди и ритуали кои се подготвувале за мртвите.
Во Античка Грција и Рим, почесни обреди биле организирале со цел да се прослави херојски чин на некој војсководец или војник кој храбро загинал во војна. Праксата да се носи јадење и пијалоци на гробовите на починатите датира токму од тоа време, а редовно се спроведува и во Македонија до ден денеска.
Античките народи принесувале храна на гробовите на починатите верувајќи дека тие јадат на „другиот свет“. Но тоа не е христијански обичај иако е длабоко вкоренет во народните верувања.
Слични обичаи постоеле и кај Јудејците. Така, на пример, во Стариот завет се наведува дека Јуда Макавеј испратил во Ерусалим сè што е потребно за принесување жртви за оние што загинале во војната.
Но христијанските обичаи се нешто сосема поинаку и православната црква вели дека за празникот „задушница“ потребни се само пченица, црвено вино, свеќа, кандило и темјан.
Како изгледа задушница по каноните на православието?
Ниту храна, ниту пијалоци не се потребни за задушница, ниту се принесуваат на гробовите на покојниците. Носењето храна на гробовите не е христијански и влече корени од паганските обичаи.
Според Протоерејот Среќко Зечевиќ за парастос се потребни варена пченица (коливо, панаија), свеќа, чаша вино, кандило, брикет и темјан. Житото нè потсетува на воскресението на покојниот, бидејќи, како што земјоделецот оди на нива и сее пченица – тоа пченично зрно изгнива во земјата, но подоцна од тоа зрно што изгнило, изникнува нов плод – клас од пченица. Истото важи и за телата на нашите покојни: тие се предаваат на земјата, каде што телото гние, за при Второто доаѓање на Христос повторно да воскреснат и да оживеат.
Додава дека свеќата – симболизира дека душата на покојниот преминала од земниот живот во вечниот живот на светлина и вистина, каде што свети светлината на Божјото лице.
Во рамките на празнувањето, најважно е да се помолиме за душите на покојниците.
Молитви за „Задушница“
При вршењето на помен и молитви за покојните, Црквата се раководи според апостолската заповед да се молиме едни за други и за сите луѓе.
„Молете се еден за друг пред Бога“ (Јк. 5,16).
Така и Црквата се моли за сите свои членови. Зашто „било да живееме, било да умреме – Господови сме“ (Рим. 14,8), а пред Бога – сите се живи!
Кога палиме свеќа за покој на душата, прво се прекрстуваме и велиме: „Спомни си, Господи, за упокоениот слуга Твој (име на покојниот) и подари му вечно блаженство“, потоа ја бакнуваме свеќата и ја палиме.
М.С.К