Костимот кој првата дама Елизбета Ѓорѓиевска го облече во Рим, има симболична приказна: Дизајнерката Лидија Георгиева за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Симболична приказна има костимот на првата дама Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, кој го носеше во Ватикан, по повод чествувањето на денот на Свети Кирил и Методиј во Рим.

Таа облече црн дводелен костим, креација на  дизајнерката Лидија Георгиева.


-Изработката на овој модел започна во февруари, јас пред тоа веќе ја имав предложено идејата за мотив од орнаментиката на старословенските ракописи како инспирација. Оваа идеја веднаш ѝ се допадна и на Бети, но и на Претседателот, така што започнав со интензивни подготовки. Прво моделот беше изработен на пробно платно, па сведен повторно на 2Д крој кој беше скениран, па потоа јас работев на кројните делови со компјутерски дизајн на пласирање и стилизирање на мотивот според анатомски одреденото место. Потоа материјалот беше даден на везење, беа предадени дизајните на додатна компјутерска подготовка за вез. После везот, следеше конечно изработката во 3Д“, ни изјави познатата дизајнерка за овој уникатен модел.

Георгиева имала внимателен пристап за почитување на строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај Папата, па оттаму сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска облекла црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата.


Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16ти век.

-Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство.


Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија“, објаснува Лидија за симболиката на моделот. 

Од посебно значење е и симболиката вметната во везот на велот, во кој е содржана реченицата „ Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица. Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. 

М.Џаровска