Мало срце, големо дело: 3-годишниот Матео од Струмица ја донираше својата коса за деца заболени од рак

Тригодишниот Матео од Струмица е доказ дека хуманоста нема возраст. Иако сè уште малечок, неговиот гест говори многу – по две години трпеливо пуштана коса, Матео реши да ја донира за дечиња кои ја изгубиле својата коса поради рак.
„Од самиот почеток, кога решивме да му ја чуваме косата, во нас живееше идејата – еден ден, кога ќе ја скратиме, таа да биде подарок за некое дете што се бори со болеста. За секое дете да биде среќно,“ ни раскажа неговата мајка Елена.
Оваа топла и храбра одлука не дошла случајно.
Малечкиот Матео, поради свои здравствени предизвици, честопати бил на клиниката за онкологија. Токму таму ги запознал малите борци кои, иако со насмевка на лицето, ја водат најголемата битка во животот. Тој и неговите родители биле длабоко трогнати – и од тогаш знаеле што ќе направат.
Во време кога ни е потребна надеж и светлина, Матео нè потсетува дека најголемата хуманост може да дојде од најмалите. Неговото дело не е само донација, туку прегратка, љубов и охрабрување за оние што секој ден храбро се борат.
Ирена Ставрова