Наша тема: Им се обраќаме во машки или женски род - новинар, доктор, професор... Дали употребата на родовите е навреда или обврска да се испочитува соговорникот?

Добивај вести на Viber

Новинар, професор, доктор, претседател се имеки во машки род, но неретко се користат и кога сакаме да нагласиме дека носителот на овие припадности е жена. 

Релативно и субјективно е дали жените во користењето на оваа универзална форма ќе се најдат навредени или не. 

Тоа пред сѐ зависи од нивната родова сензитивност. Додека за дел од жените, нивото на естроген и прогестерон магично не исчезнува доколку некој ги посочи со именки во машки род, други сметаат дека јазичната несензитивност кога е употребата на родовите во прашање, отвара нови моменти на стратификација. 

Дел од лингивистичарите и теоретичарите на јазик, тврдат дека асиметричноста во поглед на користењето на родови кои се поддржани со природниот јазик се одразува на општествената положба на жената. 

Одредени професии како новинар, доктор, професор или претседател во историјата биле исклучиво резервирани за мажите. Но со текот на еманципацијата на жените и нивната поголема слобода, видливост и општествено влијание, овие професии се обавувани и од жените. 

Па затоа, коректно е именката да се користи во женски род, како би се прецизирало дека станува збор за женски субјект кој стои зад конкретната професија, но и во второ време дека над професијата немаат ексклузивно право само мажите. Со тоа се праќа потсвесна, симболична порака за рамноправност и еднаквост помеѓу половите. 

Употреба на феминативи - обврска или јазична слобода? 

Верзиите на именките во женска верзија со стручен термин се нарекува „феминативи“. 

Фиминативи се женски форми на именки кои традиционално постојат во машка форма, со цел да се истакне родовата еднаквост и видливоста на жените во различни професии и улоги. На пример:

Писател → Писателка

Директор → Директорка

Амбасадор → Амбасадорка

Професор → Професорка

Судија → (контроверзно, но често: Судијка)

Во јавноста во последно време често се развиваат дебати, дали треба да се донесе законска обврска или некој друг тип облигаторна регулатива која ќе обврзува на употреба на женските родови во јазикот. Дел од стручната и пошироката јавност смета дека првиот чекор кон рамноправноста е задолжително почитување на јазичните правила за употреба на именки во женски род, како би се признало и препознало местото на жените во општеството како значајно.

Другите пак, сметаат дека јазикот не е во можност да генерира нееднаквост и дека старите навики за употреба на универзалните именки кои историски се користеле само во машки род не се голем грев и дека треба да се остави на личен избор која форма ќе се користи, во конвенционалната комуникација, како и во колоквијалниот говор. 

Јазичните експерти сметаат дека зборови кои водат потекло од други јазици и се интернационализми, можат да се употребуваат во својата унифицирана форма, без да се користат суфикси (додавки) бидејќи таквата употреба е попрактична и го олеснува говорот. Сепак постојат замки на кои мора да се внимава, пред сѐ заради коректноста во посочувањето и комуникацијата. 

Тоа дека може да се користат и двете форми може, освен во некои професии каде што би имало недоразбирање - биолошка, тренерка, хируршка и сл. Недоразбирање настанува ако се користи машки род за професијата, за лице од друга држава, па по име и презиме не знаеме дали е машко или женско. И ако е жена, а професијата ја оставиме во машки род може да биде збунувачки, вели лекторката Јасмина Осифесо за „Женски магазин“. 

Јасмина Осифесо, лектор

Случаи во кои не можат да се употребуваат феминативите 

Лекторката Јасмина Осифесо, истакна дека постојат професии за кои не може да се создаде женска форма, со стандардната додавка на одредени суфикси. Тоа особено важи за професии кои вклучуваат субспецијализација и се интернационализми. На пример - хирург, гинеколог, кардиолог и сл. Во тој случај без разлика дали станува за маж или жена носител на одредена професија или титула се употребува стандардната унифицирана форма од именката. 

Од друга страна, таквите професии се и најценети, па присуството на жените е од особено значење за разбивање на стереотипот за постоење на ексклузивно машки професии. Но, многумина се согласуваат дека родовата припадност не е важна сѐ додека професионално се обавува работата. Кога се професиите во прашање важно е дали тој што ве оперира е стручен и професионален во тоа што го работи, а не дали е маж или жена. 

Овие дебати завршуваат и во наведување на крајни хипотетички сценарија кои се допираат со апсурд и комика. На пример женомрзец по сообраќајка е во кома. Тој не може да избере операциите кои му следуваат дали ќе ги прави хирург што е жена или маж. Од тој аспект неговата лична позиција за мажите и жените и нивното значење во општеството е ирелевантна и нема тој нема никаков удел во развојот на настаните. 

Прашањето за употреба на фиминативите и дали треба да стане обврска е „старо прашање“, вели проф. д-р Елка Јачева - Улчар.

Во последно време оваа прашање навистина доста се актуализира. Дали да биде претседателка или да биде претседател изборот на конечната форма. Но лично мислам дека ова е прашање за дискусија. Јас немам проблем дури и ако е прашање на номинација, ако се работи за жена носител на функција да се употребува родот. Како што сега имаме претседателка, да стои именката во женски род, вели Јачева - Улчар. -Сега откога имаме претседателка, а не претседател на државата, многумина ме прашуваат околу употребата на женскиот род за оваа но и за други функции: како министер, државен секретар, воен командант, директор и сл. Досегашната практика велеше: во рамките на текстот и колоквијално да се употребува именката во женски род, но долу каде што стои потписот во дописи, писма и сл. - т.е. таму каде што треба да се именува функцијата, именката да стои во машки род. Во нашата патријархална средина долго време жените не се појавувале ниту во определени професии ниту во политиката. Сега, кога во надворешно-јазичната дејствителност ја имаме и првата жена претседател и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми се чини треба да им се даде шанса на употребата на феминативите дури и тогаш кога се работи за номинација. Не гледам проблем уште при номинирањето да се упатува на полот кај носителите на функции. Да заклучам, според моето мислење, јазична пречка за ваквата употреба не постои; единствено нешто што недостига е дебата од pro et contra по прашањево меѓу лингвистите,  од што ќе произлезе конечен договор, конвенција и сл., додава Јачева-Улчар.  

Проф. д-р Елка Јачева - Улчар, македонист 


По назначувањето на првата жена претседател во Македонија, оваа прашање за родова одредба на именките уште повеќе стана тема на дискусија. Дали треба да се донесат регулативи во кој род ќе се употребува номинацијата сѐ уште останува отворено како за стручната, така и за пошироката јавност.  

Постојат и исклучиво женски професии 

Еволуцијата направила стриктни поделби на машки и женски професии. Во минатото жените биле исклучиво врзани со домот, што подразбира биолошка и социјална врзаност со децата. Жените биле задолжени за одгледување на децата и нивно воспитување, додека мажите биле лоцирани надвор од домовите. Поделбата на трудот ги позиционирала жените да бидат статичен елемент од домаќинството, а мажите мобилниот елементи. Оваа поделба биле доминантна во примитивните општества, како општество на „собирачи и ловци“, но останала забележителна во мали модификации и во другите општествени системи. Таа е присутна до ден денеска. 

Историскиот контекст ни помага да разбереме зошто најголем дел од воспитувачките во градинките се токму жени. Воспитувачки, негувателки и професии кои се поврзани со одгледување на децата, се стриктно женски. Но овој момент на значајното присуство на жени во одредени професии не се смета за проблематичен и асиметричен, бидејќи тие професии не се влијателни и за нив не се подразбира концентрација на моќ. Затоа и женските професии не се загрозување за мажите, додека ексклузивно машките професии особено оние кои подразбираат политичка и економска моќ се третираат како извор на општествената нееднаквост. 

Општествен договор 

На крајот од денот, важно е да се постигне општествен договор за тоа дали во кои случаи ќе се употребуваат феминативите. Јазикот е жива материја која треба да ја одразува слободата. Стандардите се едно, но користењето на јазикот е неговата најголема суштина. Затоа употребата на јазичните алатки е креативност во која треба да се слее слободата на изразувањето и личната експресија, но и да се задоволи моментот да бидеме разбирливи и во можност да пренесеме порака, како би комуницирале со другите. Јазикот е и медиум за експресија, но и алатка за општење и комуникација. 

Автор: Магдалена Стојмановиќ - Константинов 

Фото извор: Приватна архива / Freepik - насловна