Наша тема: „Доаѓаат со големи трауми и психички последици барајќи некој да ги заштити“ - Децата без родители последниот бастион на општата борба за општество кое подржува, а не осудува

Добивај вести на Viber

Правото на приватен и семеен живот е регулирано со домашни и меѓународни правни легислативи. Во рамките на европското законодавство, правото на приватен и семеен живот е воведено во Европската конвенција за заштита на човечковите права.

Иако во корпусот на човекови права вклучени се сите возрасни, полови, социјални и културни категории на граѓани, во однос на унапредување и заштита на детските права вклучени се поголем број на агенси. Се верува дека на правата на децата треба да им се даде поголем фокус и внимание, бидејќи се сензитивна категорија, за која е потребна дополнителна грижа, заштита и одговорност на институциите за унапредување на детското право. 

Во нашето законодавство, правото на приватен и семеен живот е заштитено со Законот за семејство, а во рамките на меѓународната легислатива Конвенцијата за заштита на правата на детето предвидува заштита на неговата приватност и право на семеен живот со член 7 и член 16. 

Иако главната обврска за подигање на децата и грижа за нивниот развој и воспитување ја имаат токму родителите, сите деца ја немаат среќата да растат со своите родители и да бидат издржувани од родителите. Во моментот кога децата остануваат без родителска грижа, или поради физичка смрт на родителите, остануваат без нив, целосната грижа за децата ја презема државата преку своите институции за социјална заштита. 

Која категорија на дечиња го има статусот на деца без родители и родителска грижа, но и кои се ризиците и последиците по социјалната вклученост на децата и нивното општо психофизичко здравје ја прашавме Рози Влаховиќ, директорката на Детскиот дом „11ти Октомври“.

Рози Влаховиќ, директорка на детскиот дом „11ти Октомври“


Децата кои имаат статус на деца без родители и родителска грижа се ранливи, со нарушување на менталното здравје, под голем стрес и трауми, анксиозност, со развојни предизвици, дијагнози и сл. сѐ како резултат на нарушени семејни односи, кризни ситуации во биолошкото семејство и недоволна грижа односно занемарување и злоставување од страна на родителите. Согласно проценката на степенот на изложеност на ризикот на детето и биолошкото семејство од страна на стручните лица во Центрите за социјална работа (органот за старателство) се преземаат соодветни услуги на заштита. Една од тие е сместување во згрижувачко семејство која претставува вон-семејна заштита, истакнува таа. 

Од причина што децата без родители и родителска грижа се изложени на поголем степен на ризик во споредба со другите деца, државата мора да вложува поголеми капацитети во надминување на траумите и несаканите последици настанати поради семејните конфликти и кризни ситуации во кои се нашле децата. Од таа причина згрижувачите и згрижувачките семејства мора да исполнат посебни услови со цел пружање на соодветен третман на децата без родители и можност да растат во средина која ќе му овозможи на детето да го остварува правото на приватен и семеен живот. 

При сместувањето на децата без родители и родителска грижа се прави проценка на нивниот психофизички развој, потребите и потенцијалите се со цел додека се сместени во згрижувачкото семејство да добиваат потребната грижа, заштита и стимулација за нивен правилен раст и развој. Секогаш се внимава при сместувањето на детето да се почитува најдобрит интерес и неговите права согласно Конвенцијата за правата на детето. Тоа значи дека правилниот избор на згрижувачко семејство ќе доведе до правилна стимулација и развој на детето согласно потенцијалите кои ги има. Секако дека згрижувачот и воспитувачот не се семоќни за да ги решаваат сите предизвици затоа е неминовна соработката со останатите реурси како здравство, образование, детска заштита и сл. вели Влаховиќ. 

Сепак иако децата не по своја вина се наоѓаат во згрижувачките семејства и државата наоѓа решенија за нивниот статус пружајќи грижа и социјална заштита, овие деца се разликуваат од останатите по многу критериуми, што создава дополнително побарување за унапредување на згрижувачките капацитети. 

Овие деца не по нивна вина се разликуваат од останатите затоа што го добиле овој статус на деца без родители и родителска грижа бидејќи нивните родители и семејствата не се во можност да се грижат за нив. Но благодарение на државата тие уживаат одредени права и услуги кои се законски регулирани за да се чувствуваат заштитени и да не бидат препуштени на средината. Многу подобро е кога тие се детектираат навреме затоа што помалку ќе го трпат негативното влијание од родителите и ќе ја добијат поддршката од згрижувачите/воспитувачите. Низ годините полека се намалуваат стереотипите кон овие деца, пристапот кон нивното намалување зависи пред се од професионалците кои се грижат за нив во сите институции. Најважно од сѐ е тие да бидат згрижени во средина која ќе биде соодветна за нивен правилен развој во личност која ќе може да го продолжи својот живот и ќе придонесува за себе и општеството кое му овозможило да стане личност, додава таа.

Министрството за социјална политика, демографија и млади преку своите годишни планови и програми, раководи со згрижувачките капацитети на државата, но надлежно е и за професоналното профилирање и проверка на згрижувачите. 

Заменик министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, истакнува дека со годините министерството успеално да направи исчекори во насока на подобрување на самите згрижувачки капацитети, но и соодветна стручна помош за лицата кои се згрижувачи. 

Ѓоко Велковски, заменик министер во министерството за социјална политика, демографија и млади

Во изминатиот период направивме решителни и системски чекори за унапредување на згрижувањето на децата без родители, водејќи се од начелата на еднаквост, достапност и достоинствен живот за секое дете. Инвестиравме во подобрување на условите во малите групни домови, обезбедивме дополнителна стручна поддршка и започнавме со нови програми за психо-социјален развој, образование и инклузија, вели Велковски.

Според него, државата треба да биде јасна во поглед на приоретизирање на децата без родители и родителска грижа бидејќи на оваа група од деца им е потребна поголема заштита од вообичаено. 

Ниту едно дете не смее да биде оставено само. Преку зајакнување на згрижувачките семејства и проширување на услугите во заедницата, создадовме модел кој се темели на човечност, солидарност и институционална одговорност. Ова не е само социјална, туку и морална обврска на државата да обезбеди безбедно, грижливо и поттикнувачко опкружување за секое дете, додава тој. 

Според адвокатот Владимир Бангиевски, правата на детето се приоритетни и во поглед на законите и во поглед на судската пракса. Тој истакнува дека во ситуација кога ќе дојде до прекршување на некое детско право, судовите даваат приоритет на таквите судски постапки, што е оправдано поради карактерот на популацијата и зголемените шанси на ранливост. 

Владимир Бангиевски, адвокат

Во случаи кога детските права се загрозени, адвокатите можат да помогнат преку стручни совети и професионално водење низ постапките во системот, смета тој. 

Она што секој од нас мора да го направи надвор од опсегот на јурисдикција на државата е зголемена свест за потребите на децата без родители и најмалку што општеството може да направи е да не ги стигматизира дополнително овие лица преку разноразни фрази за исмевање или дискриминација кои само ја влошуваат состојбата. Општеството мора да развие разбирање дека децата не се виновни за ситуацијата во која се нашле и дека дополнителен суров третман на општеството е злосторство. 

Затоа, одговорно и со многу совест треба да се работи на разбирање на вакви теми, да се сфатат потребите на децата без родители и секој во рамките на своите можности да придонесе во поголема вклученост на децата без родители и родителска грижа во општеството, нив да им се овозможи нормален живот, а за сите нас, опкружување во кое секој расте со поддршка и разбирање. И на крајот како можеме да бидеме среќни, ако сме опкружени од различни страни со луѓе кои се несреќни и обесправени. Затоа одговорноста е заедничка, добрите резултати полезни за сите. 

Автор: Магдалена Стојмановиќ - Константинов