НАША ТЕМА: РАМНОПРАВНО РОДИТЕЛСТВО - Заемната грижа на двајцата родители по разводот во животот на детето е значајно за градење на детската индивидуа

Добивај вести на Viber

Во време кога сè погласно се зборува за еднаквост и правда во сите сфери на животот, концептот на рамноправно родителство станува сè поактуелен и неопходен. 

Рамноправното учество на двајцата родители во грижата и воспитувањето на децата не е само прашање на личен избор, туку и одраз на современите семејни вредности и општествена одговорност. Додека традиционалните улоги сè уште се присутни во многу домови, се повеќе семејства, институции и поединци се залагаат за порамноправна распределба на родителските обврски. 

Но, колку е навистина возможно рамноправното родителство во пракса, и со какви предизвици се соочуваат родителите во Македонија?

На оваа тема разговаравме до претставник на Здружението „Наши“ кое се залага за рамноправно родителство по развод на родителите и со Теодора Томовска-Ристовска, специјален едукатор, едукатори и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација.

И покрај формалното постоење на одредби што гарантираат еднакви права и обврски на родителите, македонското законодавство во практика не овозможува вистинско рамноправно родителство по развод – велат од Здружението за заштита на родителски права „Наши“.

„Во еден дел од законот стои дека и двајцата родители имаат еднакви права и обврски кон детето. Но, во друг член јасно се наведува дека детето по развод останува со еден од родителите, со што фактички се брише принципот на еднаквост, па така во реалноста не постои еднаквост помеѓу родителите после развод, освен во ситуација ако самите не се договорат така“, велат од Здружението.

И покрај се поголемите разговори за родова еднаквост и правата на детето, државните политики во Македонија речиси целосно го игнорираат концептот на рамноправно родителство. Според стручњаци и родители, не само што не постојат активни мерки за поттикнување на еднакво учество на двајцата родители во воспитувањето на децата, туку постојните решенија се останати во времето – речиси непроменети од пред неколку децении.

„Сите мерки кои се преземаат во државата се во насока на нееднакво родителство, односно несфатливо, важат истите решенија како што важеле пред 30-40 години, не постојат баш никакви мерки за поттикнување на рамноправно родителство. Освен некои приватни иницијативи пример приватни психолози, работилници, како тоа би требало да изгледа, и како би се спровело, никој друг не го прави тоа. Постојат мал број на родители кои по разводот практикуваат заедничко, односно поделено родителство. Како што ги има и во другите држави 1 до 2% луѓе кои можат да се договорат меѓу себе“.

Од Здружението „Наши“ истакнуваат дека во околу 90% од случаите детето или децата по разводот, припаѓаат секогаш на мајката, што е одлука на Центарот за социјални работи.

„Мајката мора сама да се откаже или да е тежок зависник или да има видлива психичка болест, па детето да припадне на таткото. Секогаш се доверуваат на мајките, освен морам да кажам има и такви случаи кога татковците се доволно моќни да потегнат врски за детето да им припадне нив. Решението не е детето да припадне ниту на мајката, ниту на таткото, без разлика што родителите се разделиле, детето повторно му припаѓа и на двајцата родители. Имало и ситуации ако за децата си се грижел во бракот, нема зошто да не продолжи тоа и понатаму. Освен во исклучителни ситуации каде што не може или не сака или не е подобен да врши родителство“.

Од Здружението сметаат дека ваквата практика која се спроведува во Македонија се базира на концепт на сфаќање дека детето мора да има еден дом, но новите педагошки и социолошки истражувања покажуваат дека на детето многу поважно му е да ги има двајцата родители отколку еден дом.

„Морам да спомнам дека на хартија кај нас не постои заедничко родителство, за разлика од другите земји дури и на Балканот каде што тоа заедничко родителство им се признава на родителите што ќе се договорат. Кај нас дури и кога ќе се договорат на хартија, едниот мора да го добие детето. Ние дури и на ниво на Балкан сме најдолу по тоа прашање и по основа на законот. Знаеме такви случаи на родители коишто се договориле, сме имале дискусија со родителите, нивните деца дури и да немаат чувство дека нивните родители се разделени. Си имаат полно време и со едниот и со другиот родител … тоа е она што сакаме да го постигнеме за сите или барем за повеќето деца по развод“, објаснуваат од Здружение „Наши“.

Децата кои живеат подеднакво со двајцата родители по разводот, кога тоа е можно и се спроведува здраво, во неконфликтно опкружување во просек имаат подобра адаптација отколку оние деца кои живеат претежно или исклучиво со еден родител, вели Теодора Томовска-Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација.

„Со самото вклучување на двајцата родители по разводот децата имаат подобро социјално и когнитивно функционирање, а самите родители се модел за здрава комуникација во кризни и тешки ситуации“.

Томовска-Ристовска смета дека ко-родителството по развод може да има предности, но и предизвици врз личноста на детето.

„Рамноправното родителство или ко-родителството претставува модел за заемно ангажирање и грижа од страна на двајцата родители во животот на детето. Со овој модел кој е пред сè многу значаен за градба на детската индивидуа која обезбедува сигурност, стабилност и континуитет за детето, а воедно го намалува и негативното влијание од разводот. Исто така ко-родителството зависи и од капацитетот на родителите кој го имаат бидејќи самиот модел освен предности си има и свој предизвици (добра комуникација подлога за успешна соработка, логистички тешкотии-транспорт, превоз, време, ако има конфликт или насилство рамноправното родителство може да не е соодветно)“.

Во контекст на тоа кому ќе му припадне старателство, за време на таа битна многу ретко се обрнува внимание на детето и како тоа ја доживува разделбата на мама и тато. Не сите случаи на разделба одат по мирен пат. Има случаи на кои детето е сведок, а потоа тоа што го видело и слушнало влијае на неговата личност.

Томовска-Ристовска вели дека разводот на родителите може длабоко да влијае врз емоционалната состојба на децата, зависност нивната возраст, капацитетот на разбирање, начинот на кој родителите го водат процесот на развод.

„Неколку од најчестите сфери на кои се одразува и предизвикува: Чувство на несигурност и анксиозност – децата ја губат стабилноста и сигурноста кога родителите се разведуваат. Промени во домот, рутината и постојаниот контакт со еден од родителите може да предизвика анксиозност. Тага и депресија-многу деца во зависност од поставеност на родителите во овој процес се соочуваат со доживување на интензивна тага и симптоми на депресија-промени во сонот, апетитот, повлекување од интеракција со средината. Чувство на вина-особено помалите деца имаат чувство дека се виновни за разделбата меѓу родителите. Бес и проблеми во однесување-некој деца го носат симптомот низ разводот кој резултира со агресија, бунтовност, предизвикувачко-проблематично однесување карактеристично во периодот кај децата во адолесценција. Лојалност кон еден од родителите-децата може да чувствуваат како да мораат да изберат страна што може да доведе до внатрешен конфликт и емоционален стрес. Страв од партнерски релации-некои деца во адолесценција развиваат страв од врски или брак сметајќи дека љубовта секогаш завршува со разделба.“

Во зависност од возраста не детето различно се доживува нивната разделба.

„Децата во различни развојни фази имаат различно ниво на емоционална зрелост, разбирање и капацитет за справување со стресни настани. Возраста на детето игра голема улога во начинот на кој го доживува и процесира разводот на родителите. Помалите деца повеќе реагираат емоционално со приврзување кон еден родител и телесно со плачење, регресија во сон, ноќно мокрење, додека пак тинејџерите имаат покомплексни и длабоки психолошки реакции. Најважна улога во сиот овој процес е начинот на однесување на родителите, обезбедувањето на емоционална поддршка и стабилност без оглед на возраста на детето“.

По разводот на родителите, децата често покажуваат низа емоционални, социјални и поведенски реакции. Овие реакции се врзуваат со возраста, темпераментот на детето, нивото на конфликт меѓу родителите начинот на кој семејството се справува со ситуацијата. Како важен дел е на децата особено на тинејџерите да им се укаже и даде до знаење од страна на двајцата партнери дека родителите не се разведуваат туку нивниот брак како брачни партнери, советува Теодора Томовска-Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација.

Габриела Додевска Глигоровска