Не е Македонец, но ја живее Македонија: Вакво нешто не се гледа секој ден - Колумбиецот Јанко свири, „Танец“ игра (ВИДЕО)

Најпознатиот Колумбиец во Македонија, Јанко, заедно со својот бенд „Вардаранди“, повторно го привлече вниманието на јавноста. Видеата што ги објавува овој музички состав стануваат сè попопуларни, редовно се споделуваат на социјалните мрежи и бележат илјадници прегледи.
Во нивната најнова објава, Јанко и неговата препознатлива хармоника уште еднаш покажаа колку длабоко го чувствуваат македонскиот фолклор. Во видеото, бендот ја изведува култната песна „Македонско девојче“, додека во салата каде што свират им се приклучуваат играорците од Ансамблот „Танец“, создавајќи вистинска симбиоза од музика, традиција и емоција.
Во описот на видеото, Јанко напиша:
„Наследство во хармонија: Ансамблот „Танец“ го носи македонскиот дух во настапот на „Вардаранди“. Играорците од легендарниот македонски ансамбл „Танец“ почнаа да танцуваат за време на настапот на бендот „Вардаранди“.“
Настапот наиде на одличен прием кај публиката, која ја поздрави оригиналноста, почитта кон македонската култура и ентузијазмот со кој овој млад Колумбиец го прифаќа македонскиот дух.
Фото: Принтскрин/ Фејсбук