Не сакам да сум пензионер

Добивај вести на Viber

Откако во 90-те години, со појавата на цедеата, беа прогласени за мртви, грамофонските плочи од винил го доживеаа големото враќање. Станаа многу барани и од помладата публика. Многу светски изведувачи посегнуваат по нив, а едни од нив е и легендарната група „Меморија“. 

Бендот вчера го промовираше материјалот од спектаклот кој лани го одржа во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на носач на звук во вид на жив албум и во двоен формат – на ЛП плоча и на цеде.


Според изјавите, кога е ЛП плочата во прашање, се работи за вистински уникат, каковшто во Македонија никогаш досега не е издаден, а е вистински раритет дури и во историјата на екс-ју музиката во регионот. Тројниот албум е насловен: „Меморија 2024  Live“, сместен на три ЛП плочи. На него се ставени 21 песна изведени од бендот, зашто ЛП форматот толку максимално собира. Додека двојното цеде содржи 25 песни од целиот концерт и во него се вклучени и изведбите на специјалните гости на настанот.


Музички продуценти на албумот се Мите Димовски и Давор Јордановски, а тон мајстор е Евгениј Каревски. Извршната продукција ја потпишуваат Бошко Мангаровски и Христина Георгиевска, која е автор и на графичкото решение.

Албумот е произведен во DADAC - SONY во Австрија и е издание на КЛС – продукција. Печатен е во лимитиран број на примероци, од кој речиси веднаш целиот тираж е распродаден.

Во деведесеттите клупската сцена беше незамислива без „шкрипењето“ на грамофонските плочи. Токму тоа чувство најмногу е во сеќавање на лидерот на бендот Петар Георгиевски - Камиказа, најголем виновник за сите новитети на бендот. Енергичен и свеж во идеите, Георгиевски открива која е тајната на неговата желба за континуираната работа на бендот.


- Да оставиме што повеќе зад себе на Република Македонија. Да оставиме нешто со што нашите генерации ќе се гордеат, особено мојата внука. Докажав дека не ја изгубив и инспирацијата како автор, со песната "За тебе" и со уште три теми. До крајот на оваа година ќе има цел албум од 10 нови песни. Сега се вклучени во авторството скоро сите членови на бендот. Ќе бидеме активни додека сме живи. Постојано сум активен бидејќи не сакам да живеам пензионерски живот.– ни изјави Георгиевски по промоцијата која се одржа во просториите на Универзитетот Скопје.

Групата подготвува документарец со МРТ. Најави дека ќе ги собере сите 30 члена кои на свој начин оставиле белег на бендот, на изложба на која ќе бидат презентирани фотографии настанати од формирањето на „Меморија“ до денес. 


На прес конференцијата видно беше задоволството од сработеното и на останатите членови на бендот, Давор Јордановски, Рубин Димкоски и вокалите Ристо Самарџиев и Апостол Икономов-Поце. Сите креативци на свој начин. Најавија нов албум во кои поддеднакво  ќе бидат инволвирани како автори.

 Да очекуваме, нови теми, особено од Самраџиев, исклучителен композитор и текстописец, со кои ќе остави свој печат, но, со мирис на ,, Меморија".

С.А.Н.

Фото - Женски магазин/ Вангел Тануровски