НЕ ТРЕБА МНОГУ - ГИПС, ГРЕДИ, СТАРА ВРАТА - да бидеме хумани и да му помогнеме на чичко Ванчо

Добивај вести на Viber

Да му помогнеме на чичко Ванчо.

Овој апел денеска преку својот фејсбук профил го испрати новинарката Теодора Цветковска, од телевизијата Телма, која пред јавноста ја раскажа потресната приказна за овој човек, а за својот новинарски прилог доби и награда - Гласник на невидливите. 

Еден од соседите на чичко Ванчо решил да му ја отстапи една од подрумските простории и неа да ја претворат во пристоен дом за живеење. Киријата за оваа просторија, која е ниска, ќе си ја плаќа самиот чичко Ванчо, но сега е потребна помош во материјали, за овој простор да му стане пријатен за живеење на измачениот човек. 

„Другари, потребна ни е помош! Се сеќавате на Ванчо од Куманово нели? Еден од неговите соседи реши да му помогне и една од подрумските простории да ги претвориме во пристоен дом за чичко Ванчо. Затоа ќе ни треба мала помош, киријата ќе ја плаќа тој, но потребни се: 10 гипс картон табли, 3 вреќи радикол, 4 греди и 8м2 бродски под, а ако има некој да донира стара врата и плочки. Ви благодарам многу , слободно пишете ми во инбокс и мавнете по еден share“, напиша новинарката на својот профил.

А каква е приказната на чичко Ванчо. Како што стои во новинарската сторија, тој своевремено бил пазарџија, но за жал, станал бездомник. Живеел по паркови, во напуштен автобус, но и на улица. 

„Ванчо Спасовски се грижи и за други, односно помага во домот на Лилјана Ратковиќ, готви и се грижи за неа. Тажната приказна за неговиот живот сега добива нов почеток. Кога не е тука се обидува да заработи дополнителен приход. Купува и препродава стари работи на дивиот пазар кај скопското Кале. Ванчо веќе трета година живее во подрум во зграда во Центарот на градот. Му помогнале станарите кои виделе дека спие во паркот пред зградата“, е дел од тажната приказна за овој човек.