Незнаење што загрижува: Анкета од Охрид покажува алармантна реалност на новата генерација (ВИДЕО)

Социјалните мрежи деновиве повторно беа сведоци на загрижувачка реалност. Македонскиот инфлуенсер Мандар објави видео-анкета направена на улиците на туристичкиот центар Охрид, во која на случајни млади минувачи им го постави едноставното прашање: „Што е 8-ми Септември?“
Одговорите што ги доби беа, најблаго кажано, збунувачки. Наместо спомнување на Денот на независноста на Република Македонија, кој се одбележува токму на 8 Септември, повеќето млади лица не знаеја точно да го идентификуваат значењето на овој значаен датум од македонската историја.
„Тој ден е нешто за Македонија“, „Ден кога настанала Македонија“, „Создавање на Македонија“, „Ослободување на Македонија“, „Првите пушки“, Па дури и „осми март“, беа само дел од одговорите што се појавија во видеото.
Но тука не завршува парадоксот. Во продолжение од анкетата, младите се соочија со уште едно едноставно прашање – „Со кои земји граничи Македонија?“. И повторно, одговорите покажаа сериозно непознавање на основна географија:
„На исток граничиме со Албанија“, „север е доле, со Грција“ и слични несигурни тврдења.
Инфлуенсерот Мандар, кој има илјадници следбеници, го проследи видеото со опис: „Не се децата криви...“ алудирајќи на поширок системски проблем – образовниот систем, негрижата за историското и географското образование, но и општествената рамнодушност.
Видеото веднаш предизвика реакции на социјалните мрежи – дел од публиката реагираше со хумор, но многумина со загриженост, истакнувајќи дека оваа појава е сигнал дека итно е потребна подлабоки промени во образованието и враќање на вредностите како знаење, свест и љубов кон татковината.
8 Септември 1991 година е денот кога македонските граѓани преку референдум се изјаснија за самостојна и независна држава.
Фото: Принтскрин/ ИнстаграмРЖМ