Од „Кучкин син“ до говорничка на едукативни конференции: Животните трансформации на Верица Пандиловска

Сите ја знаат нејзината незаборавна песна „Кучкин син“. Веќе 22 години откако за првпат ја слушнавме, таа и понатаму останува една од најпопуларните и најпотпевнувани песни на македонската естрада.
Верица Пандиловска, едно од најзвучните имиња од македонската музичка сцена на почетокот на 2000-тите, важеше за една од најперспективните млади пејачки. Ја гледавме на ТВ-екрани, во музички спотови, интервјуа, фестивали – каде и да се појавеше, привлекуваше внимание со својот глас и сценски настап.
Но, на врвот од популарноста, таа одлучи да ја напушти естрадата и да му стави точка на својот музички пат. Одлука што изненади многумина, но која подоцна се покажа како чекор кон ново, подеднакво успешно поглавје од нејзиниот живот.
Денес, Верица Пандиловска - Гичева е далеку од јавната сцена, но блиску до центарот на значајни општествени и професионални процеси. Често престојува и работи во Амстердам, од каде активно делува во областа на неформалното и доживотното образование.
Како експерт за комуникации и организациски развој, таа патува низ цела Европа, учествува на меѓународни форуми, држи обуки и работилници за подобрување на комуникациските вештини на поединци и компании.
Иако нејзиното име веќе не е дел од музичките топ-листи, сè уште се изговара со почит. Нејзините хитови остануваат дел од колективната музичка меморија на генерации. Во јавноста денес се појавува ретко, претежно во професионален контекст, но нејзината приказна – од музичка ѕвезда до влијателна едукаторка – е инспиративен пример за личен и професионален развој.
Верица Пандиловска живее мирен, исполнет и семеен живот, далеку од рефлекторите, но со јасна и силна порака: талентот може да се изрази на многу начини, а вистинскиот успех не секогаш е на сцена, туку таму каде што се создава реална промена.
М.С.К / Фото извор: Фејсбук