Огнен Неделковски ексклузивно открива: „Фотографија во заборавен паричник беше инспирација за Тоше да ги отпее легендарните стихови“

Тоше Проески (1981-2007), еден од најпопуларните изведувачи на поп музика, загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Белград, во близина на Нова Градишка, во 2007 година. Проески имаше ретки вокални способности и беше еден од најпопуларните пејачи од поранешна Југославија. Тој беше пејач, текстописец, народот безрезервно го сакаше.
Се сметаше за врвен дел од Македонската и балканската музичка сцена, а музиката на Тоше беше популарна во многу земји од Југоисточна Европа.
Би-Би-Си го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат по својата хуманитарна работа. И ден денес, 17 години по неговото заминување, тој ни остави трајно музичко наследство и неизбришлив дел од Македонија. Всушност, ТОЈ беше Македонија.
И по толку години, сеуште некои нешта не се знаат за него, посебно за дел од песните и како настанале. Реномираниот текстописец Огнен Неделковски реши да си ја отвори душата за Женски магазин и точно да каже детали за легендарната „Во коси да ти спијам“...
„Речиси сите мои текстови (26 или уште некој плус) што ги напишав за Тоше Проески се вистински приказни и се дел од мојот живот. За среќа, тој се пронајде во нив и ги изведе на свој, брилијантен начин. Скоро три децении публиката го знае, го пее и го сака секој стих од нив и тоа е за мене како автор најголема можна награда.
Жалам што не создадовме уште некој хит, ама така требало да биде...
Една од најинтересните мои приказни е врзана за создавањето на песната "Во коси да ти спијам", тој голем латино евергрин на нашиот Ангел.
На крајот на минатиот век, јас и Копров добивме од Авалон нарачка да создадеме четири песни за вториот албум на Тоше. Тој втор албум според многумина е најважен во кариерата на секој изведувач. Задачата беше тешка, слатка и одговорна, а јас и Кире Костов веќе ја имавме создадено "Тајно моја" некој месец пред тоа.
Копров ми ја даде аудио касетата на која беа четирите демо снимки, отсвирени од него на гитара и испеани со на-на-на. Една од нив беше брза и динамична, со латино призвук. Ја оставив за на крај, да биде јаготка на шлагот. Ги направивме "Излажи ме уште еднаш", "Солзи прават златен прстен" и "Ноќна игра" и силно не' газеше времето.
Се сетив на една случка со мојата тогашна девојка Соња (веќе 29 години моја сопруга!) и решив со неа да ја почнам првата строфа. Кога Соња почна да живее кај мене, во куќата на баба ми Цвета, случајно најде еден мој паричник кој лежеше заборавен врз еден стар црно-бел телевизор со лампи и љубопитно ѕирна во него. Внатре пронајде мала фотографија од една моја поранешна девојка, заборавена како и паричникот, и ми рече да ја фрлам. Таа личност одамна ништо не ми значеше и веднаш ја фрлив фотографијата. И така ја започнав песната: "Ме натера да ги фрлам сите слики нејзини..." А во тие почетни денови на нашата голема љубов со Соња, имавме и многу искричави ситуации поради нашите сосема различни карактери и таа знаеше да си замине во родниот Гостивар на неколку дена. Тоа ми изгледаше страшно долго и тешко... Така ми дојде стихот "да ги барам цели ноќи твојте чекори, да копнеам, а и треперам со денови". Рефренот засега ќе го прескокнам зашто најмногу ме измачи неговото создавање.
Во третата строфа ставив трета ситуација со Соња. Во тие први денови на нашата љубов, на една касета и' снимив две мои песни, со музика и текст, кои храбро си ги испеав во придружба на мојата гитара, која патем Соња ми ја скрши при чистење пред некое време. Не сакајќи, сигурно. Таа реагираше искрено и жестоко во свој стил и ми рече дека врска немам од пеење и дека двете песни се ужасни. Тука заврши мојата композиторска кариера. Се сетив на тој момент и се роди стихот: "Дозволи ми да ти пеам стари песни љубовни, дозволи ми". Се разбира дека никогаш не ми го дозволи тоа, а малкумината што ме слушнале како пеам знаат и зошто. И, конечно дојде на ред и тој фамозен рефрен. Направив седум или осум верзии на тој дел од текстот и ниту една не му се допадна на Копров. Некогаш едноставно не оди и тоа е. Тој ми рече: "Утре ја снимаме песната, мораш да смислиш нешто добро. Ајде дојди до кај мене да видиме што ќе правиме до рефренот". Додека возев со мојот тогашен црвен Голф 1, купен на автопазар со амин на роднината Киро Кумановац, од Универзална до Железара, некаде кај Бит Пазар ми текна дека утрото кога се разбудив, врз себе најдов неколку прамени од косата на Соња, на која тогаш не и' пречеше моето хрчење и слатко си спиеше врз моето релативно развиено раме. И си запеав во кола, без сведоци: "Во коси да ти спијам, без престан да те љубам... за тебе ако треба се' да изгубам".
Во еден здив ми дојдоа двата рефрена. Не знам како довозив до зградата на Копров, зашто морав да го запамтам секој збор. Влетав во неговиот стан и набрзина ги запишав на еден лист двата рефрена. Тој ги прочита, се насмеа и рече: "Браво, дете, тоа е тоа!"
Тоше ја испеа како што само тој знаеше и... Другото се' е историја. Во оваа прилика нема да го коментирам последниот стих од тој рефрен...“
Небојша Толески