По 15 години зависност, Таско избра нов пат: „Сега сум чист“

Добивај вести на Viber

Македонскиот музичар Христијан Тасковски – Таско, преку искрена и емотивна објава на социјалните мрежи, сподели дека по 15 години зависност од алкохол, веќе осум месеци живее трезен и целосно посветен на нов, поинаков живот.

„15 години во темнината – 8 месеци во светлина“, напиша Таско во описот на видеото кое го објави на својот Инстаграм профил.

„Пиев 15 години. Секој втор ден, алкохолот ми беше сè – утеха, бегство, изговор. Го изгубив времето, луѓето, љубовта. Се изгубив себе.“

Музичарот отворено зборува за болното искуство со зависноста, опишувајќи го чувството на празнина, срам и физички болки со кои се будел секое утро. Но, како што наведува, една вечер нешто се променило – и решил дека последната чаша ќе биде навистина последна.

„Одлучив. Последната чаша беше последната капка. Оттогаш поминаа 8 месеци. 8 месеци без алкохол. 8 месеци борба. 8 месеци вистински живот. Не е лесно – но вреди. Повторно дишам. Повторно сум буден. И конечно сум присутен.“

Таско ја опишува и првата недела од својата рехабилитација, посочувајќи ја љубовта кон сопругата и семејството како главен мотив и двигател за промената. Физичката активност, редовното вежбање во теретана и консумацијата на вода наместо алкохол станале дел од неговата нова рутина.

„Ден 7: Новото јас – Напишав писмо до себеси од пред една година. Му кажав дека има надеж. И секое утро си повторувам: ‘Јас сум жив. Јас сум вреден. Јас сум трезен. Чим стигнав до тука, можам да стигнам подалеку.’“

Таско денес времето што го трошел со чаша алкохол го користи за креативност – пишува текстови, создава музика, се дружи со пријатели и слуша музика. Вели дека секој ден му е нова шанса, а иако патот не е лесен, одлучен е никогаш да не се врати назад.

„Ако си на почетокот – не се плаши. Ако можев јас, можеш и ти. Добредојде на Другата Страна“, им порача тој на сите што се борат со зависност.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г