Последнава година живеам благодарение на мојот минат труд: Дарио со нов, весел хит „Кој чека ќе дочека“
Кој чека ќе дочека, порачува Дарио во својата нова песна, која е негов прв сингл по повеќе од една година, кога ја промовираше „Еј животе“.
Познатиот кантавтор и за оваа музичка приказна, инспирацијата ја најде во нашето секојдневие, најмногу во пандемијата и во она што го живееме во последнава година. Секоја песна на Дарио е негова лична приказна, па во некои делови и оваа, иако текстот е по малку хумористичен.
-Како и секој нормален човек, најмногу чекав и сè уште чекам да се релаксира целава ситуација и да почнеме со нашите професионални активности“, ни изјави Дарио за она што го чекал и се надева дека набрзо ќе го дочека.
Во претходно интервју за Женски магазин, тој изјави дека уште пред пандемијата го продал неговиот кафе-бар „Миг 21“ и како што тогаш ни рече се спасил навреме, затоа што настапи неповолно време за угостителската работа.

-Кафулето го продадов пред пандемијата, така да беше сè ок. Настапи немаше, но и покрај тоа периодов го поминавме без никаков проблем, благодарение на мојот долгогодишен минат труд. Не знам колку ќе биде тешко враќањето во нормала, но сигурно ќе биде бавно, ама "кој чека ќе дочека", нели? Не сакам повеќе да зборувам за вируси и вакцини, сакам да гледам напред и да зборувам и да пеам за многу поубави работи кои го сочинуваат животот“, ни изјави Дарио, познат како вечен оптимист.
И во „Кој чека ќе дочека" , како и во претходните негови песни, тој е автор на музиката и на текстот, а – аранжманот го напиша Кристијан Габроски.
-Е па, драги
луѓе, ви ја претставувам мојата нова песна #КојЧекаЌеДочека". Песна за нови почетоци, песна за
поубава иднина, песна за сите нас, весела, среќна, опуштена и по малку
хумористична.
Искрено се надевам дека наскоро сите заедно ќе
дочекаме пак да се радуваме на свадби, родендени, забави и концерти, на сите
убави моменти во животот. На здравје!“, напиша Дарио на својот
Инстаграм профил, а песната можете да ја слушнете
ТУКА.
-Повеќе од деценија, откако јас сум со неа, И стално има некоја нова причина за да не ми каже да. Најпрво беше премлада, а после беше емотивно неспремна, па кариера успешна и како јагода на шлаг, за крај... Ѝ рекла стара гатачка, година била престапна.А тоа носи несреќа, о боже каква лудница...“, вели Дарио во првата строфа од својот нов хит.
М.Џаровска