Животна училница // Приказни
Се отепавме од докажување дека му можеме на времето - филери, ботокси, вештачки нокти, нутриционисти: Новинарката Офелија Димковска за денешните генерации
Ц витамин беше лимонот, лек беше ракијата, никој не мереше калории, а сега којзнае кој си помисли дека ќе биде повеќе сакан оптегнат и нацртан вели новинарката Офелија Димковска во нејзиниот Фејсбук статус каде пишува за изместените вредности на денешницата во споредба со како тоа било порано.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
„Не верувам во ништо вештачко!
Се отепавме од докажување дека му можеме на времето. Филери, ботокси, екстензии, вештачки трепки нокти, нутриционисти, овес, лен, протеини, антиоксиданси. ФОТОШОП! Лицата на луѓето се наполнети како препарирани птици, усните се триплирани, градите стојат како карпи среде море. Ни да мрднат. Којзнае кој си помисли дека ќе биде повеќе сакан оптегнат и нацртан. Дури и овошјето е напопнето да изгледа како јаболкото од Снежана и седумте џуџиња, па и толку е отровно.
Кај нас дома, се јадеше благо, месо, од јогурт тава до бечки шницли, кој што сака, баба ми имаше само два десерта: крем од гриз и попарени колачи. Многу калорично. Секој ден се правеа кифлички со џем. Никој од тоа не доби шеќер...
Сите доживеаа длабока старост, не беа гојазни иако не вежбаа и не мереа калории: на точак одеа на пазар, пешки насекаде. Дедо ми од лек пиеше по шишенце мерена ракија ако не се смета тоа што јас му одземав еден прст. Ц витамин беше лимонот.
Она што не’ убива не е храната, она што не’ разболува не е друго освен неумереноста, воздржувањето, амбициите и стравовите, гневот и нереалните очекувања. Ниеден маж нема да избега поради салце на стомакот на жената, ниту го интересираат оптегнатите образи. Ниедна жена не му ги мери пропорциите на својот љубовник. Бегаме од себичност, од несподелување, од немарност и малтретирање. Не од што не ни е убава или убав. Чудни приоритети донесоа овие векови. Многумина заборавија дека убаво лице е среќното лице, а не излифтаното. По цел ден поминат по шминкери и фризери за да се појде на интимна вечер совршен, останува само едно решение: сета хемија да се тргне од лицето за да се види вистината. Убавите луѓе имаат една недела предност пред другите. Тоа ќе ни го потврди Заза Габор. Љубовта како и среќата немаат многу врска со совршеноста. Верувам дека Џек Николсон ‘ова е бисер од твојата свиња’ за неговата Анџелика Хјустон, се уште жали по таа страст кон несовршеноста.
Верувам дека убаво лице е среќното лице, а убаво тело е посакуваното тело.
Како што на Харвард воведоа предмет ‘како да се нема цел во животот’ така треба да ги подучуваме денешниве генерации. На погрешен пат се на патот кон среќата. Не пазат да не чукнат на врата која и не постои.“