СЕКОЕ ТРЕТО ДЕТЕ ВО ЗЕМЈАВА ЖИВЕЕ ВО БЕДА: Кои се долгорочните последици од детската сиромаштија?

Добивај вести на Viber

Според податоците на УНИЦЕФ кои неодамна беа објавени, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија и тоа си носи последици.

Во повеќе сегменти од општественото живеење, овие деца се соочуваат со проблеми поради лошата финансиска состојба. Од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје за Фактор објаснуваат дека детската сиромаштија има длабоки и долготрајни последици кои можат да го обликуваат целиот живот на една личност. Таа влијае врз здравјето, образованието и социјалниот развој и го одржува циклусот на нееднаквост и исклученост. Растењето во услови на лишеност од основни потреби – како што се соодветна исхрана, живеалиште и образование, го попречуваат физичкиот и когнитивниот развој и ги ограничува социјалните и економските можности на детето кога ќе стане  возрасен човек.

„Здрав развој: имаат помала веројатност да добиваат соодветна исхрана – што го ограничува нивниот физички и когнитивен развој, особено во раното детство – и имаат помал пристап до здравствена заштита, што го зголемува ризикот од болести во детството и хронични заболувања во зрелоста. Дополнително, тие често живеат во средини со повисоко ниво на загадување на воздухот. Образование: често започнуваат со училиште недоволно подготвени поради тоа што имаат ограничен пристап до предучилишно образование и недостиг на можности за рано учење дома. Поголема е веројатноста да имаат повисока стапка на изостанување, напуштање на училиштето, пониски образовни резултати и помала веројатност за продолжување на високо образование, што ги ограничува нивните идни можности за вработување. Социјален и емоционален развој: почесто развиваат ниска самодоверба и проблеми со менталното здравје поради немање стабилност во животот, траума и недостиг на поддршка – и во детството и како возрасни. Сиромаштијата често се преклопува и со други предизвици: децата од маргинализираните или малцинските заедници имаат поголеми шанси да живеат во сиромаштија и да се соочат со дискриминација, што создава дополнителни пречки за излез од сиромаштијата“, објаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Додаваат дека тоа често води до пониски приходи, послабо здравје и пократок животен век, со што се зголемува и веројатноста следната генерација исто така да живее во сиромаштија. Социјалната заштита, вклучително и паричната поддршка, играат клучна улога во заштитата на децата и нивните семејства од сиромаштија и нејзините штетни последици во сите аспекти на животот.

Повеќе на ФАКТОР