ПОРАЗУВАЧКИ БРОЈКИ - Секоја солза, траума за цел живот: Меѓународен ден на невините деца жртви на агресија

Според најновите податоци, насилството врз децата во Македонија претставува сериозен и распространет проблем. УНИЦЕФ во својата Ситуациона анализа за децата и адолесцентите во земјата од 2025 година наведува дека 73% од децата се изложени на физичко или емоционално насилство во домот .
Денеска е меѓународниот ден за заштита на децата жртви на насилство. Меѓународниот ден на децата – жртви на насилство се одбележува секоја година на 4 јуни и е посветен на подигнување на свеста за страдањата на децата кои се жртви на физичко, психолошко, сексуално или емоционално насилство, особено во зони зафатени од војни и конфликти.
Во историска смисла, овој ден е прогласен за меѓународен ден во 1982 година од страна на Организацијата на Обединети Нации и оттогаш секој 4 јуни се свртува фокусот на глобалната јавност токму на децата кои имаат потреба од заштита.
Годинава, мирновните организации апелираат да се застане со воени дејствија на појасот Газа, како и во активните воени жаришта во Украина, бидејќи воените дејства имаат големи последици по цивилното население, особено по палестинските и украинските деца.
Во Македонија, меѓународниот ден посветен на децата кои се жртви на психичко, физичко, сексуално или економско насилство, како и жртви на занемарување, запуштање и социјален ризик од сиромаштија.
Децата често остануваат на маргините на јавното внимание, бидејќи како неполнолетни субјекти не можат сами да се застапуваат пред институциите и сами да побараат заштита. Секогаш потребата од нивна заштита треба да е видена и препознаена од трета личност, институција, а во голем број случаи и од страна на невладина организација како УНИЦЕФ.
Во последните години, се повеќе се говори за психолошкото насилство или запоставување на децата, а УНИЦЕФ објави прирачник за навремено препознавање на психолошките симптоми кои укажуваат на траума од доживеана агресија или биле сведоци на насилен настан.
Каква е состојбата во Македонија годинава?
Во Македонија, надлежна државна институција за унапредување на политиките и институционалната затштита на децата - жртви на насилство, е Министерството за социјална политика демографија и млади. Но на нивните официјални web страници и профили на социјалните мрежи не можат да се најдат извештаии или активности кои се поврзани со денешниот ден. Заменик министерот за социјална политика демографија и млади Ѓоко Велковски, на својот профил на социјалните мрежи порача дека денеска се одбележува меѓународниот ден на децата жртви на агресија.
Децата имаат право на безбедно и среќно детство без насилство, страв или злоупотреба. Денес, се потсетуваме на милиони деца ширум светот кои станале жртви на физичко, психичко или сексуално насилство. Овој ден не не потсетува само на болката, туку и на одговорноста што ја имаме како општество, институции и поединци, порача кусо Велковски во својата порака упатена до јавноста.
Ниту една друга порака, ниту известување за настани или преземени активности по повод денешниот ден, барем засега не е достапна на „гласилата“ на надлежното министерство.
Клучна е улогата на невладините организации
Невладините организации играат клучна улога во заштита на детските права, особено во случаи на потенцијални социјални ризици, вклучувајќи го и насилството. Организацијата „Новинари за човекови права“ во соработка со Федералното министерство за труд и социјална политика на Австрија и Центарот за социјална работа во Скопје, пред неколку недели го отвори новиот Дневен центар за децата кои се наоѓаат во социјален ризик. Ова е единствен таков центар во Македонија кој помага во згрижување на децата од социјален ризик, нудејќи им помош во образование, стекнување на вештини и социјализација, иако оттаму велат дека потребите за вакви центри се големи и потребно е да се зголеми нивниот капацитет за прием.
-На овој ден се сеќаваме дека секое дете заслужува безбедност, љубов и иднина. Во светот и кај нас, мораме да се бориме против сите облици на агресија врз децата – од воени злосторства до семејно насилство. Одговорноста е наша, институционална и општествена, вели Александра Радевска од здружението „Новинари за човекови права“ за Женски магазин.
Според неа државата игра клучна улога во обезбедувањето на заштита на деца кои се жртви на насилство преку креирање соодветни политики за превенција и третман, како и зголемувањето на институционалните капацитети на државните надлежни институции.
Ние како држава како клучни приоритети треба да ги имаме: јакнење на системот за заштита на децата каде центрите за социјална работа, инспекторатите и полицијата мора да бидат ефикасни и координирани при постапување по пријави за насилство или занемарување; Превенција и рана интервенција преку програми во училиштата, здравствените домови и заедницата за рано препознавање на ризици (семејно насилство, сиромаштија, зависности во семејството); Поддршка на деца од ранливи групи – малцински заедници особено ромската, деца со попреченост, деца бегалци и оние во сиромаштија се под посебен ризик, па потребни се инклузивни политики и социјални услуги прилагодени на нивните потреби; Образование како клучен заштитен фактор со цел намалување на рано напуштање на училиште, воспитување за ненасилна комуникација, граѓанско учество и емпатија, Зголемување на јавната свест и култура на пријавување преку кампањи за нулта толеранција на насилство врз деца и охрабрување на децата, родителите и наставниците да пријавуваат злоупотреба, додава таа.
Бројките се поразувачки
Во однос на пријавувањето на насилството, студија на УНИЦЕФ од 2018 година открива дека две третини од професионалците кои биле сведоци на насилство врз деца не го пријавиле случајот. Ова укажува на потребата од зајакнување на системите за идентификација, пријавување и упатување во случаи на насилство врз деца.
Исто така, алармантни се и податоците за сексуалното насилство врз деца. Според УНИЦЕФ, повеќе од 370 милиони девојчиња и жени ширум светот биле жртви на сексуално насилство пред да наполнат 18 години.
Овие податоци укажуваат на итна потреба од системски пристап во борбата против насилството врз децата, вклучувајќи превенција, едукација, зајакнување на институциите и поддршка за жртвите.
М.С.К