Овие места во Скопје жените ги чуваат како лична тајна: Каде Скопјанките одат да си ја смират душата

Добивај вести на Viber

Секој град има свои „свети“ места. Не оние со икони и фрески, туку оние каде душата застанува, здивнува, и си вели: „Тука сум повторно јас.“ 

Во градот Скопје – секогаш жив, гласен и променлив – постојат ќошиња што жените ги чуваат како лични светилишта. Места каде не се оди само на кафе, туку на средба со себеси. Тоа се малите градски ритуали, интимни паузи од сè, моменти на повторно враќање кон внатрешниот мир.

Убавината на Скопје најсилно се чувствува во раните утрински часови. Пред градот да се разбуди, пред хаосот и клаксоните, постои тивка магија – роса, бледо сонце и мир што трае кратко, но е доволен да го започнеш денот како што треба.

За некои, тоа значи прошетка на Водно. Модната дизајнерка Нина Ристовска ни открива колку планината ѝ значи:

„Пешачењето низ шумите на Водно ми делува многу позитивно и често сум таму. Понекогаш одам сама, а понекогаш со друштво. Најубаво ми е кога со другарка ќе се искачиме по некоја од патеките, па си пиеме кафе во природа – тоа ми е награда. Син ми Душан обожава да оди со мене, и тоа ни е наш начин да бидеме блиски. Денот секогаш е поубав кога се има време за природа. Водно е вистински бисер.“

Други жени мирот го наоѓаат покрај реката. Скопјанката Агнеса со години го негува својот ритуал на мир:

„Ме смирува природата, зеленилото, ме смирува водата додека пешачам покрај кејот на Вардар. Знам да седнам на скаличките и да си размислувам. Тоа ми треба. Или се качувам на Водно и го дишам Скопје од височина. Таа е мојата тајна локација.“

Град со душа што чека да биде откриена

Скопје е повеќе од урбана џунгла и секојдневен метеж. Ако знаеш каде да гледаш, ќе го најдеш неговото тивко лице – она каде жените си го полнат срцето со спокој и сила. Било да е под сјајот на утринското сонце, меѓу дрвјата на Водно или до шепотот на Вардар, секоја жена си има свое „каде“. И токму тие места го прават градот жив – не со гласот, туку со тишината што лечи.


ИС/РЖМ


Naslovno foto: instagram/tatidellafiori