Скоро да немаше домаќинство во Југославија без овој пијалок: Народен лек од 12 состојки кој се служеше и во кафани, а денеска е исчезнат

Горкиот и ароматичен вкус на ракијата Стомаклија е длабоко врежан во сеќавањата на генерациите што израснаа во поранешна Југославија. Овој пијалок се сметаше и за друштвен еликсир и за лек после богата трпеза.
Беше симбол на дружење, традиција и народна медицина, па не чуди што многумина и денес ја паметат, иако одамна исчезна од полиците.
Што ја правеше Стомаклијата посебна?
Стануваше збор за специфична ракија со јачина меѓу 35% и 45% алкохол, збогатена со мешавина од дванаесет лековити билки. Во составот најчесто се наоѓале пелин, нане, камилица, жалфија, копар и други тревки што ѝ даваа препознатлив, горчлив и интензивен вкус.
За време на Југославија, Стомаклијата беше присутна речиси насекаде – во кафеани, на празнични трпези и во домашните барски витрини за специјални прилики. Таа беше дел од секојдневната култура на пијалокот.
Зошто исчезна?
Со текот на времето, новите трендови донесоа поинакви вкусови – луѓето почнаа да преферираат послатки ликери и ароматизирани водки. Производството на Стомаклија, пак, беше комплицирано и зависеше од сезонски суровини, а строгите регулативи го правеа финансиски неиздржливо. Во 2012 година официјално исчезна од пазарот, а компанијата што ја произведуваше дојде на раб на банкрот.
Нови обиди за враќање
Интересно е што нивната официјална веб-страница повторно беше активирана во 2023 година, што предизвика надеж дека можеби Стомаклијата ќе се врати. Сепак, скепсата останува.
Многумина сметаат дека вистинската Стомаклија е само онаа од шишињата на нашите дедовци од осумдесеттите години, што и денес се чуваат во витрини како драгоцена семејна реликвија.
Извор /Freepik