Со елегантен стил до дипломатски симпатии: Силјановска - Давкова рамо до рамо со Макрон и Урсула фон дер Лајен

Добивај вести на Viber

Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, присуствуваше на Третата конференција на Обединетите нации за океанот, чиј домаќин беше претседателот на Француската Република, Емануел Макрон. 

Настанот се одржа во Париз и собра светски лидери со цел да се зацртаат нови насоки за заштита на океаните и справување со климатските предизвици.

За овој настан таа се одлучи за смела и пригодна комбинација која го истакнува нејзиниот моден израз. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова блеска со елегантен, но ненаметлив стил, совршено прилагоден за вакви високи дипломатски средби.

Таа носи свечен фустан во златно-бронзена нијанса со бисерни детали на ракавите, кои ѝ даваат допир на префинетост. Комплетот е дополнет со класична бисерна огрлица и елегантни чевли со штикла, што го заокружува нејзиниот изглед како дама со стил и достоинство.

Во својата објава на социјалните мрежи, Силјановска-Давкова истакна дека ѝ е чест што е дел од овој глобален собир и што има можност да разговара со светски лидери за суштински прашања поврзани со иднината на планетата. 

Таа подвлече дека е неопходно човештвото да склучи „мир со природата“, како клучен предуслов за опстанок и благосостојба на генерациите што доаѓаат.

Особено внимание привлече фотографијата што ја објави, на која насмеана и видно расположена претседателката Силјановска-Давкова позира во пријателско ракување со францускиот претседател Макрон. 

Фејсбук 

Нивната телесна комуникација – ракувањето и насмевките – пренесува јасна порака за взаемно почитување, отвореност и пријателски однос. Овој симболичен гест беше поздравен и од дел од медиумите како чин на дипломатска топлина и поддршка.

Фејсбук

На конференцијата присуствуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, заедно со други државници и претставници од целиот свет. Централна тема беше одржливото управување со океанските ресурси и глобалните напори за справување со климатските промени.

М.С.К