Според жанрот се единствени во светот со четири Silver Creаtor Youtube Awаrds: „Cafe De Anatolia“ не престанува да нижи успеси
Пред крајот на минатата година ве запознавме со издавачката куќа и Агенција за управување со уметници, „Cafe De Anatolia“, зад која стои семејството Илиеви. Тие за кратко време постигнаа голем успех од светски стандарди, а тогаш Моника Илиева, чија улога во оваа продукција е брендирањето и правните работи, ја раскажа приказната на нивниот бренд.
Денес, само неколку месеци подоцна, „Cafe De Anatolia“ руши рекорди, како во нашата држава, така и пошироко во светот. Имено, тие се први во нивниот жанр на светско ниво кои имаат добиено четири Сребрени Креатор Јутјуб Награди.
- „Како на компанија односно Продукциска и Издавачка музичка куќа ова ни значи многу на нас, а и на нашите артисти, бидејќи тоа значи дека огромен број на луѓе од цел свет ја слушаат нашата музика и го следат нашиот бренд. Ние всушност сме првите во нашиот жанр на светско ниво што имаме добиено четири Silver Creаtor Youtube Awаrds (Сребрени Креатор Јутјуб Награди), а и воопшто во Европа и Македонија како Продукциска куќа. Потребно беше, а и сè уште е многу труд и конзистентност за растење и одржување на Јутјуб каналите, а и другите социјални мрежи на нашиот бренд Кафе Де Анатолиа (Cafe De Anatolia).“ - открива Моника, која потоа ни раскажа дали воопшто очекувале дека ќе добијат вакво признание и толкав број на претплатници на оваа платформа.
- „Татко ми, односно Били Естебан (Billy Esteban) го почна првиот канал во 2017 на којшто пласираше своја музика а сега моментално имаме над 10 канали од кои веќе четири имаат над 100.000 следбеници. Мојот брат Никола Илиев односно познат под уметничкото име Никарт (Nickarth) и Риалианс Он Ерт (Rialians On Earth) е всушност задолжен за растот на Јујтуб и е клучната личност за успехот на каналите. Бидејќи овој жанр е во подем на светско ниво, очекувавме дека ќе достигнеме некој поголем број на следбеници, но не мислевме дека за рок од 3 години ќе постигнеме толку многу.“

Наградите кои ги имаат добиено, Јутјуб ги доделува кога еден канал ќе надмине 100.000 следбеници. На секоја од четирите сребрени плакети е изгравирано името на каналот за кој ја имаат добиено.
- „Како што кажав нашиот бренд, односно компанија Кафе Де Анатолиа/Cafe De Anatolia има над 10 канали кои се под тоа име, но сите тие се специјализирани во различни музички жанрови. Досега имаме добиено награди за Кафе Де Анатолиа/Cafe De Anatolia, oдносно нашиот главен Јутјуб канал кој има над 350.000 следбеници, потоа Кафе Де Анатолиа Етно Ворлд/ Cafe De Anatolia Ethno World (околу 200.000 следбеници), Аодион/Aodion (нашиот Сублабел) кој има над 160.000 претплатници и последно добивме за Кафе Де Анатолиа Хаус/Cafe De Anatolia House кој е специјализиран во Хаус музика и брои над 105.000 претплатници. Останатите наши Јутјуб канали исто така брзо растат и веќе се движат кон 100.000 претплатници.“ - ги посочи успешните канали Моника.

Овие награди, познати како PlayButtons, се први во серијата награди од Јутјуб, а како што веќе ви откривме се засноваат на бројот на претплатници на каналот. Следни во низата награди кои ги доделува Јутјуб се Златната плакета (за над 1.000.000 претплатници, Дијамантската плакета (за над 10.000.000 претпланици и Рубин плакетата, која воедно е и најголемо достигнува (за над 50.000.000 следбеници).
Иако секоја плакета значи многу, сепак Моника ни откри дека нивната цел не се статуетките и наградите:
- „Ние секако не целиме кон статуетки и награди, но доколку добиеме Златни или уште подобро Дијамантски или Рубин Јутјуб Плакети секако дека ќе ни биде многу мило. Моментално сме фокусирани на ширење на нашиот бренд во светски рамки и поголемо влијание во музичката индустрија со тоа што ја пласираме најдобрата музика од најдобро избраните артисти од нашиот жанр.“
И.М.