„Срцето не ѝ издржа од тага“: По смртта на синот, почина легендарната Габи Новак

Добивај вести на Viber

Легендарната југословенска и хрватска пејачка почина на 89-годишна возраст, пренесува „Јутарњи лист“.

Родена е во 1936 година во Берлин. Нејзиниот татко Ѓуро Новак е од Хвар, а мајка ѝ Елизабета Рајман од Берлин. Детството го поминала во Берлин. На почетокот од Втората светска војна, семејството се преселило на Хвар, а татко ѝ загинал во 1945 година.

Во Загреб завршила графички смер во Школата за применета уметност. Работела во „Вјесник“, а потоа во „Загреб филм“ како цртач и сценограф. Позајмувала гласови на анимирани ликови. Нејзините вокални способности ги забележал Бојан Адамич и ја поканил да гостува на концертите на „Биг Бенд“ во Љубљана. 

Ја отпеала песната „Среќен пат“ од филмот „H-8“. Наскоро настапила на Загребфест со песната „Љубов или шега“. На Бледскиот џез фестивал во 1958 година, пеела во дует со Луис Армстронг.

Во 1964 година добила понуда да пее на западниот пазар, но се откажала бидејќи не сакала да прифати промена на изгледот и други услови. Внимателно ги бирала песните и пеела само оние кои ѝ се допаѓале.

Била мажена за Стипица Калогјера, но по неколку години се развеле. Вториот брак го склучила со Арсен Дедиќ во 1970 година, а три години подоцна го родила синот Матија Дедиќ. 

Добитник е на „Порин“ за најдобро женско вокално изведување на албумот „Песната е мојот живот“ во 2003 година и за особен придонес во хрватската забавна музика во 2006 година.

Фото: Instagram / Facebook