Стара школа, нов хит: Тамара, Џамбазов и „Лавиринт“ ја враќаат магијата на соработката

Добивај вести на Viber

Тамара Тодевска повторно ја буди музичката сцена – овојпат со новиот сингл „Лавиринт“, создаден во соработка со нејзиниот долгогодишен пријател и соработник Игор Џамбазов.

Текстот е токму негово дело, а за музиката и аранжманот се погрижи Роберт Билбилов, во продукција на Just RB Production.

Видеото, кое се снимаше во Скопје кон крајот на мај, носи живописна и енергична атмосфера, режирана од Зоран Зонде Стојановски, со камера на Кристијан Теодоров. Но, она што го прави навистина посебно, е тоа што во него учествуваат бројни познати ликови од македонската јавна сцена – музичари, водители, актери, инфлуенсери, модели, DJ артисти, па дури и дел од семејството на Тамара.

„Сакав да соберам луѓе кои значат нешто за домашната културна сцена, но и за мене лично. Сите прифатија веднаш, без двоумење – и успеавме да го снимиме целиот спот за еден ден. Тоа покажува колку вистинското пријателство и уметничка почит значат“, открива Тамара.

Идејата зад „Лавиринт“ не е само музичка – туку и симболична. Спотот носи порака за обединување, за враќање на вредностите од некогаш – кога уметниците се дружеле, соработувале и биле тука едни за други.

„Се надевам дека оваа песна ќе нè потсети дека и покрај лавиринтот во кој живееме секојдневно, секогаш има пат до убавината, до блискоста и до вистинските луѓе“, вели Игор Џамбазов, кој во видеото се појавува во забавен дијалог со Тијана Дапчевиќ.

„Лавиринт“ не е само уште една песна – тоа е музичка порака со многу емоции, спомени и надеж дека македонската естрада знае како да остане заедно – во музиката и надвор од неа.