Таа е инспиративна жена што тивко освојува: Кристина од Скопје раскажа како од детски сон во Загреб создаде бренд со душа

Во свет каде што сè е побрзо, погласно и повеќе, таа избра тивка убавина. Кристина е жена што создава со срце, а зборува преку бисери. Накитот што го изработува под името Sunny Pearls не е само украс – тој е лична порака, мост меѓу корените и современоста, нежноста и силата.
Во секое парче накит што го создава, Кристина не става само бисери – туку и емоции, спомени, љубов кон Македонија и лична приказна што се чувствува во секоја нијанса.
Родена во Скопје, а денес со живот во Загреб, Кристина е пример за тоа како креативноста не исчезнува, туку трпеливо чека свој миг.Таа е мајка, сопруга, вработена во амбасада и уметница што од Загреб со љубов и прецизност ги реди своите рачно изработени накитни креации инспирирани од охридските бисери, македонската традиција и женственоста.
Почетоците ги врзува со детските соништа, првите креации направени за блиски пријатели, и моментот кога јавноста ѝ покажа дека вреди да се сонува храбро. Денес нејзиниот бренд е препознатлив, автентичен и длабоко личен, а нејзините креации се носат низ различни градови, но секој бисер што ќе го постави – носи дел од Охрид, дел од Македонија, дел од неа.
Секое парче има приказна, а таа ни ја раскажа својата – искрено, нежно и со восхитувачка смиреност. За патот од хоби до бренд, за балансирањето помеѓу мајчинството и создавањето, за охридските бисери, маркетингот и љубовта што трае – разговаравме со Кристина Колоска Шкварч, креаторката зад Sunny Pearls.
КРЕАТИВНОСТ & ПОЧЕТОЦИ
ЖМ: Кристина, Како се роди идејата за „Sunny Pearls“? Кога почувствува дека ова може да
стане нешто повеќе од хоби?
- „Од секогаш сум била креативна. Како дете, имав разни перлички и сама си правев
накит – тоа ми беше игра и радост. Подоцна, кога почнав со канцелариска работа,
почувствував дека ми недостасува тој креативен израз, нешто мое што ќе ме
исполнува.
Тоа чувство никогаш не исчезна. Дури и кога станав мајка, го барав креативното
во секојдневието – па затоа секогаш сама ги организирав родендените на мојот
син. Секогаш со теми, до најмал детаљ, од декорации до покани. Секоја година
сите со нетрпение чекаа што ќе биде темата – како мало шоу! Тоа ми беше мојот
издувен вентил, начин да се изразам и да се потсетам дека можам многу повеќе.
Така, речиси природно, се роди „Sunny Pearls“ – не како бизнис план, туку како
потреба. Да создадам нешто што е мое. Да си дадам простор за креативност, за
радост, за бисерите што ги носам во себе уште од дете.“
ЖМ: Твојата прва креација што доби внимание беа свадбените обетки за пријателка.
Какво беше чувството кога јавноста почна да реагира позитивно?
- „Тие обетки првично не планирав ни да ги изложам. На мојата прва изложба во КИЦ
во Загреб, ги додадов во последен момент. Но, токму тие станаа вистински хит. Реакциите
ми дадоа самодоверба и ме охрабрија да продолжам. Тоа беше моментот кога
разбрав дека ова може да стане нешто многу повеќе од хоби.“
ЖМ: Од каде потекнува љубовта кон бисерите? Имаше ли некое посебно парче додека
растеше?
- „Секогаш сум сакала да носам накит. Каде и да одам, сакам да си купам нешто што ќе ме потсетува на местото. Имам богата лична колекција. Но, бисерите – тие ми се посебна слабост. Особено охридските – тие се симбол на префинетост, нежност и традиција.“
ВРСКА СО МАКЕДОНИЈА
ЖМ: Како твоето потекло од Охрид влијаеше на дизајнот на накитот?
- „Родена сум во Скопје, но моето срце отсекогаш било поврзано со Струга и Охрид – местата од каде потекнува моето семејство. Таму ги научив боите на светлината, тишината на езерото и магијата на бисерите. Сето тоа денес живее во моите креации. Не го доживувам како тренд или како нешто што се прави затоа што е интересно – туку како дел од мене. Работејќи во македонската амбасада во Загреб, постојано сум поврзана со нашите луѓе и со Македонија, па таа енергија секогаш ми се враќа низ креациите.“
ЖМ: Што значи за тебе да работиш со вистински охридски бисери?
- „Тоа ми беше една од првите желби – да работам со нешто што има вистинска приказна. Иако не ги познавав, им напишав на семејството Талеви од Охрид – ги знаев по нивната долгогодишна традиција и оригиналните охридски бисери. И вистина, бев пресреќна кога ми одговорија и прифатија соработка. Тоа ми даде поттик дека сум на вистинскиот пат. Секој бисер што го користам го гледам како нешто повеќе од убав детаљ – тоа е дел од нашето наследство, нешто што има душа. Ми е важно кога некоја жена ќе стави парче од мојот накит, да почувствува дека носи нешто со вистинска приказна, не само украс.“
ИЗРАБОТКА И ПРОЦЕС
ЖМ: Опиши ни една ноќ кога толку се занесе во работа што го заборави времето. Дали често се случува тоа?
- „Често ми се случува тоа. Обично откако ќе завршам со домашните обврски, со
вечерата, со задачите на мојот син – тогаш почнувам да работам. Тоа ми е време
за мене. Толку се внесувам што еднаш погледнав на часовникот и беше по еден по
полноќ. Оттогаш си ставив аларм, бидејќи наутро станувам рано за работа. Но
токму тие ноќи, кога времето застанува, ми се најдраги – тогаш создавањето ми е
најчисто.“
ЖМ: Кој дел од процесот ти е најпредизвикувачки – идејата, техничката изработка или
финалниот изглед?
- „Најпредизвикувачки ми е да го претворам чувството во форма – инспирацијата често доаѓа од нешто интимно: емоција, патување, момент. Понекогаш идејата ја имам веднаш, но изработката бара прецизност, внимание и многу трпение. Финалниот изглед мора да раскаже приказна – затоа секое парче го доведувам до совршенство.“
ЖМ: Како балансираш меѓу работата, семејството и изработката на накит?
- „Се трудам да се посветам целосно на сè. Не сакам ниту едната улога да страда поради другата. Со добра организација, поддршка од сопругот и силна мотивација – сè може да се постигне.“
Кристина со сопругот, синот и родителите
МАРКЕТИНГ & ВИЗИЈА
ЖМ: Колку ти помогна маркетиншкото искуство во градењето бренд?
-„Имам дипломирано маркетинг и магистрирано MBA менаџмент, така што основата ја имав – но вистинското учење дојде преку практика. Теоријата ми помогна стратешки да го изградам брендот, но животот ме научи како да се поврзам со луѓето, како да пренесам приказна преку фотографија, боја и збор. За мене, маркетингот не е само промоција – тоа е комуникација, емоција и искреност.“
ЖМ: Логото на „Sunny Pearls“ е симболично. Што претставува за тебе?
- „Сакав логото да ја раскаже мојата приказна – и лична, и национална.
Инспирацијата доаѓа од македонското знаме и охридските бисери, но за мене тоа е
многу повеќе од симбол на потекло. Тоа е знак на женственост, светлина,
автентичност – сѐ што сакам да пренесе мојот накит.
Се има случено луѓе да ми кажат: ‘Те молам, не го ставај логото, бидејќи
подарокот е за Хрватица’. Но, јас секогаш го задржувам. Зошто? Бидејќи верувам
дека убавината и приказната зад него се универзални. Тоа што нешто потекнува од
Македонија не го ограничува – напротив, му дава посебна тежина и душа.“
ЖМ: Дали планираш да прошириш брендот на други модни додатоци?
-„Имам идеи. Оставам времето и инспирацијата да кажат кога е вистинскиот момент. За сега сум целосно посветена на накитот, но креативноста секогаш бара нови форми.“
Кристина со Марта Атанасовска Жаја, претседател на МКД „Македонија“ Сплит
ПУБЛИКА & ИДНИНА
ЖМ: Како реагираат луѓето кога за првпат ќе видат твој накит?
„Најчестата реакција е: 'во живо е уште поубаво отколку на фотографија'. Тоа ми значи многу, бидејќи накитот носи енергија што тешко се пренесува преку екран.“
ЖМ: Каков беше одзивот во Сплит и кои се плановите понатаму?
-„Во Сплит беше извонредно. Огромна благодарност до Македонското културно друштво „Македонија“ од Сплит и посебно до Марта Жаја – Македонка од Скопје која веруваше во мене. Планирам нови изложби во нови градови, и зошто да не – еден ден и сопствен креативен простор.“
ЖМ: Со три збора, како би ја опишала филозофијата на „Sunny Pearls“?
Автентичност. Нежност. Сјај.
(Секое парче накит е создадено со љубов, инспирирано од корени, и наменето да
го истакне природниот сјај на жената.)
ЛИЧНО
ЖМ: Што за тебе како жена претставува „убавината“?
-„Убавината е едноставност. Таа се гледа во самодовербата, во љубезноста, во природноста. За мене, убавината не е совршенство – туку автентичност.“
ЖМ: Имаш ли некое парче накит кое никогаш не си го продала?
- „Имам. Тоа е едно од првите што го изработив – не е ниту објавено, го чувам
како потсетник. Тоа парче ми кажува: ти можеш. Затоа секогаш ќе биде со мене.“
ЖМ: Што би му рекла на некој што сонува да започне нешто свое, но се плаши од
првиот чекор?
- „Кој се осмелува – победува.“
(Тоа ми е животна водилка. И верувам дека токму таа храброст отвора патишта.)
ЖМ: Раскажи ни ја накратко твојата љубовна приказна и животот во Загреб.
- „Со сопругот сме заедно веќе 14 години. Се запознавме додека студирав постдипломски во Скопје, а по завршувањето на студиите, јас се преселив во Загреб – кај него. Таму го изградивме нашиот заеднички живот и го добивме нашиот син. Загреб стана мојот дом, но Скопје... Скопје ми е сѐ уште под кожа. Македонија си ја носам со мене – во мислите, во срцето и, на некој начин, и во секој бисер што го работам.“
ИРЕНА СТАВРОВА