Таму каде што Црна извира: Откријте го заборавениот бисер во душата на Македонија – Железнец село како од македонските народни приказни

Добивај вести на Viber

Ако сте во потрага по мир, природа и вистинско македонско доживување – малото село Железнец сместено во кањон во општина Демир Хисар е нашиот избор за викенд дестинација. Скриено меѓу ридови, зеленила и тишина, ова мало село како да излегло директно од македонска народна приказна.

Во неговото подножје извира Црна Река – една од највпечатливите реки во земјава, која токму тука го започнува својот тек. Изворите се природен споменик сами по себе: кристално чиста вода и спокој што ретко се наоѓа во модерното секојдневие.

Најголемиот извор е врелото Црна Дупка што се наоѓа над селото Железнец, додека во месноста Горно Маало има уште два извори, иако со помала издашност, никогаш не пресушиле.

Околни и соседни села на Железнец се Големо Илино од запад, Велмевци од север, Брезово од исток, Доленци од југоисток и Мало Илино и Бабино од југозапад и југ.

Наоѓалиштето Железник е сместено високо над селото. Потекнува од античкиот период, а во историските извори се јавува под три имиња: Градиште, Сидеро Кастрон и Железник. Во римскиот период овој град бил забележан како Сидеро Кастрон, а во средновековието како Железник, под кои име постоел сè до XIV век, кога бил „избришан“ од географската карта. Денешните остатоци од градот го исцртуваат главниот дел, во елипсоидна форма, со димензии север-југ околу 300 м. и исток-запад 55-70 м. Градот бил природно заштитен од јужниот и југозападниот дел со стрмните падини високи над 8 м. Бедемот од источната страна сè уште може да се следи во целина. Влезната капија сè уште се забележува. На север, каде се соединуваат источниот и западниот бедем се наоѓаат остатоци од заштитната кула. На тврдината се забележуваат и остатоци од црква, бунар и камена рачна мелница.

Камбанаријата на црквата „Св. Богородица“ е дел од препознатливата архитектура во ова село.

Старите традиционални камени куќи во ова село, оставаат доем како да сте во старо време.

Недопрена природа, идеална за прошетка, тесен автентичен пат, а од страните старите камени куќи како споменици на едно дамнешно време.

На самите дрвени тераси по некоја црвена јамболија, ткаени черги и љубопитни погледи на селаните.

За љубителите на фотографија и автентични локации, Железнец е вистински рај. А за оние кои сакаат само да „исклучат“ и да се поврзат со природата – ова е местото каде што умот се смирува, а срцето се полни.

Како да стигнете: Селото е оддалечено околу 15-тина минути возење од Демир Хисар и има пристапен пат. Можеби нема гламур, но токму тоа е неговиот шарм – сè е природно, просто и вистинито.

Фото: Фејсбук/ Википедија
РЖМ - Г.Д.Г