„Твојот плакар е дневник“: Облечи се за неа – верзијата од тебе што не се плаши“

Од младиот бунт до зрелата тишина – плакарот раскажува приказна што некогаш не смееш да ја кажеш гласно.
Твојот стил не се менува само затоа што „тоа се носи“.
Се менуваш ти.
И во секој нов слој од тебе, постои нов начин да се изразиш – со боја, текстура, крој... со став.
Се сеќаваш кога носеше само црно?
Тогаш беше фазата на внатрешна борба, на прашања без одговор, на „сакам да се изгубам во сенка“.
Потоа дојде онаа ненадејна љубов – и ајде пастелни блузи, срцести очила, цвеќиња во коса.
Во плакарот ти стои животот.
Фустанот што си го носела кога си се чувствувала непобедлива.
Блузата што ја облече пред првиот состанок по големата разделба.
Џемперот што го украде од некој – ама го задржа бидејќи „не можеш да се разделиш од споменот“.
А сега?
Можеби носиш повеќе неутрални тонови. Можеби носиш само она што ти е удобно.
Не затоа што се откажуваш од стилот – туку затоа што конечно знаеш што ти прилега. На телото, ама и на душата.
Модата не е каприц – е огледало.
Во него си ти, во сите твои верзии. Девојчето што сакаше да личи на некоја друга, и жената што сега конечно личи на себе.