Затвореничките од Идризово везат втора шанса: „Веземе надеж, шиеме промени“ – проект што ја менува нивната иднина

Модната дизајнерка Ирина Тошева ја претстави иницијативата „Made in Idrizovo“, проект со кој ги вклучува жените од Казнено-поправната установа „Идризово“ во креативни работилници со фокус на везење и шиење. Целта на проектот е осуденичките да стекнат нови вештини кои ќе им помогнат во процесот на ресоцијализација и ќе им овозможат полесна интеграција во општеството по нивното ослободување.
Проектот започна во почетокот на 2025 година, кога Тошева ја покрена иницијативата за создавање шивачка работилница во рамки на затворот. Со поддршка од поединци и компании, работилницата беше опремена со потребната опрема и материјали.
„Нивниот секојдневен живот, без содржина и шанса за раст, ме натера да понудам алатки и вештини за подобра иднина“, изјави Тошева на социјалните мрежи. „Прво учевме да веземе. Потоа почнавме да шиеме. А денес ви ја претставуваме 'Made in Idrizovo' – заедничка платформа каде ќе ги споделуваме производите, инспирацијата и сите убави нешта што се раѓаат таму каде што некогаш имало само тишина. Веземе надеж. Шиеме промени.“
Работилницата моментално опфаќа жени кои доброволно се приклучиле и активно учествуваат во процесот. Освен стекнување занаетчиски вештини, учесничките преку работилницата ја развиваат својата самодоверба, креативност и тимска работа.
Проектот има долгорочна визија за создавање социјално претпријатие во КПУ „Идризово“, кое ќе биде самоодржливо и ќе понуди економска независност за жените по нивното излегување од установата. Со тоа, се очекува да се намали ризикот од рецидив и да се овозможи позитивна промена во животите на овие жени.
Првите производи од работилницата беа јавно презентирани на модната ревија на кучиња, организирана во рамките на настанот „Вдоми Љубов Фест“, како дел од пошироката кампања за хуманост и инклузија.
Фото: Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г