Здравко Чолиќ од срце ја поздрави неговата омилена Македонија на Илинден: Концерт во Битола, посебен по многу нешта

Ретка привилегија е да уживаш во омилениот пијалок, удобно да си сместен во ноќен клуб, а омилените песни од Здравко Чолиќ да ти ги пее лично тој, како на приватна забава. Атмосферата во клубот „Голд Фелиција“ во Битола сношти беше токму таква.
Здравко, иако е стадионски пејач, ѕвезда за големи сали, концерот во битолскиот клуб го одработи како да е на стадион. Со целосен репертоар, од повеќе од три часа. Атмосферата беше еуфорична, како и на секој негов концет, а сепак интимна, и во тоа беше убавината на оваа вечер.
-Добро вечер Македонијо, моја омилена Македонијо. Да ве предупредам, ние долго свириме, знаеме да бидеме и здодевни“, се пошегува Чола на почетокот од концерот.
И кога го гледаш како танцува на сцената, потскокнува, се насмевнува на пријателите од публиката и им дава ишарет со очите, станува сосема небитно колку години има. -Леле, ама остарел“, ќе речат злобниците, и тоа не само за Здравко, туку и за други познати личности на слична возраст.
Момчето од Грбавица во Сараево е родено во 1951 година, и не е тешко да се пресмета колку години има. Неважно е, кога никој од нас од прва не знае колку се стари „Ти си ми у крви“, „Чија је оно звијезда“, „Живиш у облацима“, па и дел од „поновите“ како „Што ти дадох“ или „Свадбарским сокаком“, чиј автор е Балашевиќ, а Чола му ја посвети пеејќи ја. Битно е дека убавите битолчанки си направија „селфиња“ со Чола, а тој трпеливо ѝ позираше на секоја, дека во клубот дојдоа и од него си заминаа среќни луѓе од цела Македонија, дека Здравко пееше за душа и од срце, заедно со бендот и придружните вокали. За жал, овој пат без Александар Бањац, клавијатуристот на бендот кој почина пред една година.
Браво за пејачот Димитар Андоновски кој е менаџер на клубот и уметнички директор, и ги носи сите македонски и регионални ѕвезди. Оваа вечер, пред Илинден, ја донесе најголемата. Во концерот уживаше и пејачот Александар Тарабунов, кој за Здравко ни изјави: „Досега му бев фан, а отсега, тој е мојата музичка водилка“.
Милица Џаровска