Жените од шивачката работилница во КПУ Идризово, го дотераа Тони Зен: Раперот во кимоно Made in Idrizovo

На големиот концерт што се одржа минатата недела во арената „Борис Трајковски“, Тони Зен настапи во уникатна облека со длабока симболика – креација од проектот Made in Idrizovo, изработена од жените затворенички во шивачката работилница во Казнено - поправната установа „Идризово“. Оваа иницијатива е дело на модната дизајнерка Ирина Тошева, која во соработка со затворот, создаде простор каде што осуденичките можат да учат шиење, везење и кроење.
Дизајнерката на социјалните мрежи објави фотографии од концертот и креацијата што ја носеше Тони Зен, со зборовите:
„Со жените, дел од шивачката работилница во КПУ Идризово, го дотеравме Тони Зен за концерт.“
Проектот Made in Idrizovo започна во почетокот на 2025 година со цел да ги вклучи жените од затворот во креативен процес кој ќе им помогне во ресоцијализацијата и полесната интеграција по нивното ослободување. Работилницата беше опремена со потребна опрема и материјали благодарение на поддршката од граѓани и компании, а денес претставува ретка и инспиративна платформа за создавање смисла, самодоверба и конкретни вештини во ограничена средина.
Тони Зен не го криеше воодушевувањето од проектот и во своја објава напиша:
„Овој пост го посветувам на Ирина Тошева и Made in Idrizovo. Со Ирина Тошева се запознавме во затворот Идризово, јас имав настап во машкото одделение, а она, во женското одделение има кројачка работилница, создадена со донации од добрата волја на граѓаните, каде што ги обучува жените кои отслужуваат казна затвор, да шијат, везат и кројат. На овој начин жените се ресоцијализираат и го поминуваат времето низ креативен процес. Јас бев восхитен од тоа и им реков дека сакам од нив едно кимоно за концертот. Епа, ова е тоа ЗЕН кимоно, дами и господа — сто посто направено во Македонија. Вечно благодарен за ова.“
Овој гест не само што ја нагласува поддршката за социјално одговорни иницијативи, туку и покажува како музиката, модата и креативноста можат да се спојат во моќна порака за надеж, инклузија и промена.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Вангел Тануровски/ Инстаграм