„Авторите на книги за деца, државата помалку ги вреднува од оние за возрасни, роман за деца во книжарници е поевтин од роман за возрасни“: Разговор со Татјана Гогоска

Во својата нова книга „Магичниот круг на детството“, македонската авторка - Татјана Гогоска, повторно се навраќа на темите кои го одбележуваат растењето, креативноста и детската чувствителност.
Во разговорот што следува, таа открива како настанувала оваа мултимедијална книга, кои уметнички дисциплини ги обединува и каква порака им пренесува на младите читатели.
Дополнително, говориме и за разликата меѓу уметничката и стручната литература, како и за предизвиците со кои се соочуваат македонските автори.
1. Вашата нова книга – која тема ја обработува и каква порака сакате да им пренесе на читателите?
-Минатиот месец излезе мојата нова книга. Тоа е осма издадена книга, каде се потпишувам како автор, а шеста наменета за деца. Творештвото за деца во сите сфери на литературата, тв авторството и драмскиот исказ, ми е сепак поголем предизвик.
Книгата се вика „Магичниот круг на детството“, пишувана е многу долго и на специфичен начин. Тоа е илустрирана, мултимедијална книга, која, децата може да ја персонализираат и да биде сведоштво на нивното детство засекогаш.
Прекрасните илустрации ги направа Елена Максимовска. Книгата содржи два раскази, кои се најнапред напишани како драмски текстови а тоа се „Најденко во магичниот круг“ и „Силјановиот магичен сон“.
Во неа има и „Магична боенка“, која децата можат сами да си ги создадат ликовите и Магична музичка тетратка, каде може да создаваат своја музика на дадените стихови кои се дел од содржините. Интересен спој. Многуслоен и многузначен. Во неа има литература, драма, ликовна, музичка уметност но и многу креативност.
Двете приказни се многу временски и социјално различни, но исти по еднаквоста во растењето на децата, кога тие сметаат дека не се доволно разбрани од блиските и се чувствуваат осамени. Пораката ја ставивме на задната корица на книгата, тоа е една стара македонска поговорка која гласи „Добрината и љубовта се посјајни од сонцето“.
2. Како авторка што пишува и стручна литература и белетристика, кои се, според вас, главните предности и недостатоци на двете книжевни категории?
-Кратко би одговорила вака: За уметничка литература мора да имаш дарба, креативност и многу чувства, кои ќе ги преточиш во книжевно дело. За стручна литература, треба да имаш многу знаења и многу работа зад себе, за да напишеш нешто што би било професионална надградба на многумина.
Кога пишуваш уметничка литература си послободен во изборот на зборовите и формата на пишување. Кога пишуваш стручна литература, мора се да биде напишано како што е. Без додавки, одземања и импровизации, затоа што тоа е нешто што се базира на факти.
3. Колку вашето знаење од областа на комуникологијата влијаеше врз вашиот пристап кон пишувањето? Дали верувате дека книжевното творештво е повеќе прашање на вештина и знаење или на интуиција и талент?
-Во моето литературно пишување, најголемо влијание има телевизиското авторство. Јас од новинар, најнапред станав телевизиски автор, па потоа литературен, па драмски. И оној телевизиски стил кој е специфичен, кратко, јасно,сликовито и едноставно, се препознава секаде.
Јас, деновиве ја завршувам мојата 10-та книга, која е втор роман за возрасни, првиот го издадов 2011 година, се обидувам да го нивелирам тој белег, но кога препрочитувам, тој мој стил е препознатлив .
Тоа е дел од мене. За да си добар книжевен автор, треба да имаш и знаења, но најважен е талентот а интуицијата секако е важна за да ти покаже, што и како ќе го доближиш напишаното на публиката, што треба да те чита.
Мене комуникологијата ми помогна во оној најпродуктивен период кога и работев и пишував и точно знаев што им е потребно на децата и што ќе „помине “ кај таа читателска публика.
4. Дали сметате дека македонските автори имаат завидни авторски потенцијали и капацитети, но им недостига посилна поддршка во издаваштвото и подобрување на издавачката дејност?
-Веќе 10-тина години, блокадата што траеше долго време во литературата и издаваштвото се надмина. Се сеќавам 2012 година, во КИЦ правев промоција на тогашната нова книга за деца и трибина, „Како да се отворат можности за зголемување на литературата за деца со нови автори“.
Дотогаш беше многу лошо. 10-тина авторски имиња со децении. Оттогаш нештата почнаа да се движат. Јас не ја сакам поделбата, литература за деца и литература за возрасни, затоа што сметам дека литературата е литература, само наменета за друга возрасна категорија, но тоа кај нас функционира така и барем засега не гледам дека ќе има промени.
На пример, авторите за книги за деца, државата помалку ги вреднува од оние за возрасни. Роман за деца во книжарници е поевтин од роман за возрасни, и да е со иста големина. Тоа не е во ред, според мене.
Издаваштвото е една чудна, специфична област, би рекла. Јасно ми е како работат оние издавачки куќи, што ги наследија од поранешната власт, како работат оние на кои по инерција, им се даваат најголеми државни средства, за повеќе изданија.
Не знам како успеваат да опстанат малите издавачи. Јас (фамилијарно) имаме издавачка куќа од 1995 година, ја почна мајка ми како Книгоиздателство “Ѕвезда“, која во 2010 ја споивме во КАТ Продукција и имаме некои 70-тина наши изданија во овој голем период, но сеуште не знам како би можеле да функционираме како издавачи.
Онаа практика, да издадеш книга на млад, нов автор тој се да си плати, не ми оди во глава никако, и некои други практики што се присутни. Така што навистина не знам како функционираат издавачките куќи воопшто во Македонија.
5. Што е поголем предизвик – пишувањето за деца или за возрасни? Дали навистина секоја тема може да биде приспособена за која било публика, доколку се обработи на соодветен начин?
-Па некако на ова прашање одговорив од еден аспект. За мене, за деца е поголем предизвик, затоа што децата не можеш да ги натераш нешто да читаат, ако не е добро (па ни лектири). Темата може да биде приспособувана зависно од аспектот кој го обработуваш и на што ставаш фокус.
Ако пишуваш фамилијарна драма, ако фокусот е на возрасните членови тоа би бил роман или расказ за возрасни. Но, ако фокусто го ставиш на децата, кучето, училиштето, замките на детството, а родителите се во позадина може да биде роман за деца.
ПОВЕЌЕ НА











