„Бато Џоче, те сакаме“: Емотивен концерт во Струмица во чест Ѓорѓи Ѓогиев, жртва на пожарот во дискотеката „Пулс“

Добивај вести на Viber

Стотици граѓани, пријатели и роднини во средата се собраа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица за да му оддадат почит на Ѓорѓи Ѓогиев – Џоле, тапанарот кој го загуби животот во катастрофалниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Ѓогиев беше дел од бендот на популарната македонска група ДНК и на кобната вечер настапуваше заедно со останатите членови на составот.


Настанот во Струмица, организиран како тивка и емотивна комеморација, беше исполнет со тага и спомени за Ѓорѓи, кој зад себе остави силен впечаток како музичар и човек. Најемотивниот момент пристигна кога одекна големиот хит на ДНК – „Ако утре ме нема“, кој по трагедијата доби посебно, трогателно значење.


Во публиката беше и семејството на Ѓоргиев – неговите родители и братот, кој во раката држеше балон со натпис: „Бато Џоче, те сакаме“.


Мајката на Ѓорѓи, Зорица, напиша емотивен говор кој беше прочитан пред насобраните:

„Џоко беше една сјајна ѕвезда. Во него постоеше музичка искра која му овозможи да постигне многу. Нè направи горди родители. Твоето присуство сè уште се чувствува. Твојот лик и душа денес повторно ги обединија луѓето. Беше и ќе останеш сакан. Те сакаме, бато Џоче.“


Трагедијата во Кочани, која однесе 62 животи, и над 200 беа повредени остави длабока болка во македонската јавност. Комеморацијата во Струмица беше симболичен начин градот да се збогува со еден млад живот кој прерано згасна, но остави траен белег меѓу своите блиски и љубители на музиката.

Фото: Струмица Денес/ Струмичко